Аерозагадувањето  повторно им се заканува на  битолчани

На почетокот на грејната сезона, аерозагадувањето повторно им се заканува на битолчани. На последната седница на Советот на Општината, опозициските советници бараа да се расправа за сите горливи прашања на оваа тема, особено што пречекорувања на ПМ- 10 честички имаше пред грејната сезона, а Мерната станица 2 подолго време не работи и дека во кварталниот извештај се гледа дека не се вложени средства за оваа намена.

-За чистиот воздух, кварталниот извештај имавме реализација на нула денари за изминатата година. Нула денари колеги, катастрофа, а ветувавте дека ќе го исчистите воздухот штом дојдете на власт- рече на завчерашната седница советничката на ВМРО ДПМНЕ Д-р Олга Лозановска, чиј предлог за расправа беше отфрлен.

Советниците од власта ги отфрлија сите предлози да се расправа  за надминување на овие горливи проблеми на битолчани. Затоа, пак, градоначалничката  вчера , на годишниот отчет, се пофали дека една од мерките со аерозагадувањето ќе биде бесплатна посета на Пелистер.

-Кога сме кај загадувањето, една од мерките е повторно битолчани да можат да уживаат на благодетите на Пелистер, така што, посетителите на Националниот парк до крајот на годината ќе бидат ослободени од плаќање на влезници- рече на вчерашниот отчет битолската градоначалничка м-р Наташа Петровска.

Во меѓу време, под тепих се става и одлгањето на сметот  од Кичево во депонијата „Мегленци“, што дополнително, покрај РЕК „Битола“, и фосилниот огрев во Битола, создава нов потенцијал за емисија на штетни гасови и ПМ- 10 честички.

-Извесен период се депонира комулаен смет од други општини, конкретно од Кичево. Инаформацијата ја бараме со цел да се запознаеме кои се бенефитите од бесплатното депонирање на комунален отпад од други општини. Дали капацитетот на депонијата „Мегленци“ ги задоволува потребите и секако, од еколошките аспекти бидејќи Битола има доволно проблеми со загадувањето на амбиенталниот воздух- реле  д-р Тони Коњановски, советник на ВМРО ДПМНЕ.

Од ЈП „Комуналец“ велат дека одлагањето на смет од Кичево е согласно законот, бидејќи во моментов не може да се користи кичевската депонија. Затоа, пак, од таму ја добиле машината за рамнење на сметот и сега „Мегленци“ е  во добра состојба. Но, пред само неколку месеци, поради пожарот што траеше подолго време, од оваа депонија  непосредно до РЕК „Битола“ и до плодните пелагониски ниви, со денови се ослободуваше огромна емисија на штетни гасови.

Петар Стефановски