Аџибадем Систина: Поради лажните вести и шпекулации ќе поднесеме кривична пријава за загрозување на јавното здравје

Клиничката болница Аџибадем Систина ќе поднесе кривични пријави против лицата и медиумите кои го загрозуваат јавното здравје објавувајќи шпекулации и дезинформации во врска со брзите COVID- 19 IgG-IgM Rapid тестови кои покрај ПЦР (PCR) тестовите се користат во оваа клиника. Од раководствот на Аџибадем Систина велат дека овие тестови се набавени од холандска компанија со која имаат ексклузивен договор за соработка, а истата е дистрибутер на овој бренд на тестови кои ги произведува друга компанија, исто така од Холандија.

-Овие тестови за производство и употреба се одобрени од холандската влада, а Аџибадем Систина има и директна потврда дека конкретниот бренд на тестови потврда за професионална употреба има добиено и во Велика Британија и Саудиска Арабија кои важат за земји со исклучително ограничувачки и претпазливи регулативи во здравствениот систем – велат од Аџибадем Систина.

Од Клиниката додаваат дека употребата на брзите тестови е препорачана од Американската Асоцијација за примена на храна и лекови која потврди дека федералните регулатори се целосно задоволни со податоците за резултатите на тестот. Притоа се поголем е бројот на земји се одлучуваат за користење на овие тестови како најбрзо и едноставно решение за проверка на имунолошкиот статус на населението, а преку тоа проверка дека лицата биле во контакт со вирусната инфекција. И највлијателниот медицински англиски магазин исто така пренесува за екстремно зголемената побарувачка на овие брзи тестови од земјите зафатени со пандемијата на вирусот Ковид-19.

-Аџибадем Систина, како сериозна здравствена институција, со сериозна светска акредитација од самиот почеток ги објасни и јавно ги приложи сите детали во врска со овие тестови на граѓаните и понатаму нема никаква намера дополнително да дебатира со одредени платеници со дискутабилен кредибилитет за она кое го одработуваат – додаваат од Аџибадем Систина.
Раководството на клиниката вели дека овие лица со изнесувањето на лажни вести шират паника, а кон кривичната пријава против истите ќе се приклучи и холандската компанија од која се набавени тестовите.

На приватната здравствена институција каде вчера влегоа инспектори и беше забрането да објавува резултати од тестовите, откако претходно министерот за здравство Венко Филипче и некои он-лајн медиуми јавно ја критикуваа нејзината работа.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста