Адвокати од „ТНТ“ бараат владеење на правото, а не поротничка со истечен мандат

Кривичниот суд не смее да го продолжи судењето за ТНТ со поротник чиј мандат е истечен, вели адвокатот на еден од обвинетите во случајот. Тој го повика Судскиот совет веднаш да го констатира престанокот на функцијата на поротничката Лидија Ивановска – Кочковска. Во спротивно најави кривични пријави.

„Ваквото барање до Судскиот совет го доставив со цел Судскиот совет да застане во одбрана на принципот на владеење на правото. Ова од причина што ако еднаш се воспостави ваква пракса, таа пракса за жал ќе продолжи и понатака“, вели Страшевски.

Според Страшевски, ако судењето по празниците продолжи во овој состав, евентуалната пресуда која би ја донел Кривичен ќе падне на Апелација. Тогаш вели целата постапка ќе треба да почне одново.

Кривичниот суд, пак брза да го затвори случајот. Преку писмено соопштение од судот информираа дека рочишта ќе имало секој ден во периодот од 13-ти до 27 јануари и оти тоа било во корист на обвинетите.

Инаку, последните судења за ТНТ се одржаа во тензична атмосфера. Адвокатите бараа прекин на судењето се дур не се најде замена за поротничката чиј мандат истекол по сила на закон. Тогаш, судот го одби ваквото барање на адвокатите со образложение дека престанокот на мандатот се уште не бил констатиран од страна на Судскиот совет.

Инаку последните две судења за случајот ТНТ, кој е во завршницa, се одложија поради отсуството на екс градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, кој беше претепан додека шетал во населбата Железара.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста