Административците на удар на короната, се жалат дека директорите не се грижат за протоколите
Полните канцеларии во администрацијата го набилдаа бројот на заразени со ковид-19 помеѓу вработените во јавниот сектор. Голем дел од директорите на државните институции ги кршат протоколите за заштита на здравјето, алармира Здружението за заштита на работничките права. Од таму информираат дека добиле низа пријави од административците дека работат во несоосдветни услови, дека има групирање во мал работен простор и дека не им е обезбедена соодветна заштитна опрема. И од Синдикатот на УПОЗ предупредуваат за истиот проблем и бараат веднаш да се преземат мерки за заштита на здравјето на вработените.
”После намалувањето на бројките во Јануари имаше некакво опуштање и ги вратија луѓето назад на работа да работат во исти услови каде што немаат можност за почитување на здравствените мерки, и мислам дека како резултат на тоа е и зголемена бројката на заразени. Оние истите кои и досегашниот период не успеваат да го изменаџираат процесот и да им укажат на тие кои не носат маски – да ги казнуваат.Да ја организираат работата како што треба и да ги заштитат вработените.” – вели Пецо Грујовски – претседател на УПОЗ.
За бројните реакции од административците дека се фрлени во оган и дека се приморани да работат во несоодветни услови – од Министерството за здравство велат дека тие немаат надлежност да утврдуваат кој, каде и на кој начин ги крши протоколите и мерките за здравствена заштита, ниту пак имаат надлежност да ја организираат работата во државните институции.
”Министерството за здравство не обезедува заштитна опрема за државната администрација. Секоја државна институција има сопствен буџет и во рамките на истиот може да обезеди заштитна опрема за своите вработени.” – велат од МЗ за Алфа.
Од Државниот инспекторат за труд велат дека ги разгледуваат условите за работа на вработените во државните институции и постапуваат по поднесени преставки.
“Вработените во државната администрација, како и вработените во приватниот сектор кои сметат дека не се почитуваат мерките и препораките на Владата за заштита од COVID-19 на работните места, да поднесат преставка, а инспекторите од ДИТ ќе излезат на терен и ќе извршат инспекциски надзор со донесување на соодветна мерка согласно утврдената фактичка состојба.“ –велат од ДИТ за Алфа.
Инаку, Владата на 1 Февруари ги врати административците на работа во полн состав со полно работно време – со оправдување дека состојбата со пандемијата е смирена.
Ања Василева