Административци го известиле Деркоски дека ќе ги напуштат избирачките одбори поради страв од корона

Бројни административци кои треба да бидат дел од избирачките одбори се плашат на денот на изборите да бидат на гласачките места поради опасност од корона вирусот. Загрижени за нивното здравје испраќаат известувања до ДИК дека не сакаат да бидат дел од ваков изборен процес. Првиот човек на ДИК за Алфа потврдува дека веќе добил известувања од десетици службеници. Деркоски исто така се спротивставува и на владината уредба поврзана за изборите. Вели дека избирачкиот список мора одново да се прочистува.

“Речиси секојдневно кај мене се јавуваат членови на избирачките одбори, а ќе ги известат и општинските изборни комисии.  Тој проблем не може да се игнорира. Што се однесува до уредбата, во изборниот законик е предвидена посебна методологија за прочистување на избирачкиот список. Не може изборниот законик да се дерогира со владина уредба. Не можеме новите гласачи кои наполниле 18 години само да ги прикачиме на избирачкиот список. Исто така треба да се знае дека не постои такво нешто кое владата го нарекува замрзнување на изборните дејствија”, вели Деркоски.

Иако претседателот на ДИК потенцира дека не може да има замрзнување на дејствијата поврзани со изборите вицепремиерот Османи вели дека синоќешната одлука е поврзана со уредбата од март кога бил прекинат рокот за избори. Османи се надева дека комуникацијата на еврокомесарот Вархеји со партиските лидери ќе придонесе за компромис за инклузивни избори со вклучување на сите политички фактори.

“Тогаш всушност се одреди дека на денот кога ќе заврши вонредната состојба се враќа редовниот изборен рок, што значи 22 дена по завршување на вонредната состојба. Со донесување на вчерашната уредба всушност направивме само некои прецизирања од аспект на контрола на изборниот список, повикувајќи се на законската норма, но и неколку обврски што треба да ги направи Министерството за здравство за да ги обезбеди заштитните лични средства за ДИК”, вели Османи.

Владата го задолжи МВР да достави до ДИК листа на државјани  кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. ДИК според уредбата на владата треба да ги впише овие лица во избирачкиот список.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста