Адеми менува имиња на училишта, заменичката допрва ќе ја истражувала одлуката

Арбер Адеми менува табли на училишта а неговата заменичка прв пат слуша. Елизабета Наумовска вели не знаела дека нејзиниот претпоставен потпишал одлуки за  да се сменат македонските имиња на училиштата. Чија одлука е ова ако Наумовска не знае, и тоа токму на месец и десет дена пред избори?  Заменичката вели ќе истражувала.

Јавноста веќе врие. А екс-премиерот изненадувачки, се оправда дека одлуката била незаконска. Прашањето е зошто Заев реагира токму сега, ако се знае дека Адеми процесот на промена на имињата го зборува уште од 2018 година? Но има уште една дилема: се уште не се знае дали овие одлуки поминале и во Советот на општина Чаир, каде траба да се гласа со Бадентерово мнозинство. Опозициската ВМРО ДПМНЕ тврди дека Бадентер немало.

„Централниот регистар мора да ја коригира веднаш затоа што не постои одлука на Советот на општина Чаир. Со записник на некој си училишен одбор, надвор од законските прописи е спроведена одлуката и доставени се материјалите. Ги повикувам институциите да си постапат со закон“, рече Заев.

Заев вели едно, но директорката на Централниот регистар друго. Марија Бошковска-Јанковски за Алфа вели дека постапката во Централниот регистар била целосно регуларна и дека било постапено во согласност со Законот за основно образование. И градоначалникот на Чаир вели дека сите процедури се поминати.

Аплициравме повторно кај Централниот регистар, по периодот за разгледување на сите предмети конкретно и овие два, долг период беа на чекање таму, Централниот регистар и официјално нè извести дека се регистрирани со новите имиња на училиштата. Ние како општина сме многу радосни, бидејќи затвораме проблем кој постоеше долго време и нè засегаше дека треба да го решиме, вели за медиумите Висар Ганиу, градоначалник на Чаир.

Советот на Општина Чаир гласаше за промена на овие имиња уште во 2012, беа поставени и нови табли, но заради законски бариери во сите официјални документи стоеја македонските имиња.

Инаку ова не е единствената поента за која екс- премиерот последниве денови интензивно реагира. Заев прв пат кажа дека двојазичните табли се грешно поставени на пример во Прилеп, Кочани, на првиот предизборен дуел со Мицкоски, пред само неколку дена. Алфа пак информираше за двојазичните табли уште пред неколку недели,но реакција од власта тогаш немаше. Изгледа се чекаше предизборието.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста