АД „Електрани“: „Пожарот во РЕК е саниран, Комбинатот работи со еден блок“

     По синоќешниот пожар кој нешто пред 23 часот изби од еден од изолаторите на надворешниот трансформатор на Блок 3 во РЕК Битола, денеска состојбата е ставена под контрола, информираат од АД „Електрани“. Комбинатот, во моментов работи со еден блок, кој е ставен во функција утринава околу 6.30 часот, а во текот на наредната недела се очекува да профункционира и Блокот 2, кој пак, како што информираат оттаму, бил на редовен сервис и со работа требало да почне дури од декември. Но, заради новонастанатата состојба и поради сериозните оштетувања на опожарениот Блок 3, Блокот 2 ќе биде ставен во употреба порано.

  „Локацијата е обезбедена и екипи на АД ЕСМ и на надлежните служби ќе ги истражуваат причините за настанот. АД ЕСМ најостро ги демантира сите шпекулации за наводно нестручно и несовесно работење и оперирање, со оглед на тоа што се работи за процес на производство со опрема стара над 40 години. за Компанијата е најважно што нема повредени лица. Во случај на пожар, од безбедносни причини проработува автоматската заштитаи истата синоќа реагираше со исклучување и на Блок 1. За помалку од еден час Блок 1 беше рестартиран и вратен“, – стои во соопштението од ЕСМ.  

    Според информациите од ЕСМ, ТЕЦ „Осломеј“ бил во редовен сервис за негова подготовка за континуирано производство на електрична енергија од декември до април 2022 година со 300 илјади тони набавен јаглен за кои постапката ќе финишира во наредните неколку дена, а додека сите останати капацитети на ЕСМ биле во функција.

  Инаку, според некои неофицијални информации до кои дојде Алфа, сега веќе опожарениот Блок 3 имал извесни проблеми во работењето уште од неговото ставање во функција пред еден месец, кога, заради континуираното зголемено загревање кое било регистрирано, постојано бил обезбедуван од против-пожарни возила.

  Синоќешниот пожар во РЕК Битола се случува во време кога земјава е исправена пред сериозна енергетска криза, заради која и за вторник е најавено Владата да прогласи кризна состојба, по што ќе треба да одлучи колку пари ќе им даде на енергетските компании за да ги покријат трошоците за набавка на струја. 

  Каролина Дурло  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста