Ацевски: Не сум насилник

Пратеникот Костадин Ацевски од СДСМ е мажот кој вчера вечер сопругата го пријавила во полицијата во скопско Ѓорче Петров. Од МВР го потврдија инцидентот. Во полицискиот извештај стои дека пратеникот по семејна расправија сакал да ги земе со себе двете малолетни деца.

„На 27.11.2019 год во 21,30 часот во СВР Скопје се јавила М. А. (37 год.) од Скопје и пријавила дека сопругот К.А. (40 год.) од Скопје се расправал со неа и сакал да ги земе со него нивните деца. Полициски службеници излегле на местото на пријавата за расчистување на случајот“ – информираат од МВР.

Она што вчера почнало како семејна расправија прерасна во вистинска политичка драма во текот на денов. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска изјави дека нејзината партија е загрижена по написите во одредени медиуми дека пратеник од СДСМ во текот на вчерашниот ден си ја претепал сопругата.

Пратеникот Ацевски остро ги демантираше тврдењата за семејно насилство. Вели никогаш не кренал рака врз неговата сопруга со која сега живеат одвоено. Тврди дека дошло до недоразбирање, откако неговата отуѓена сопруга сакала да преспие со децата во заедничкиот дом, по што тој сакал да си замине. Децата, според Ацевски, инсистирале да појдат со него, па тогаш сопругата викнала полиција. Од Ласовска побара јавно извинување и тужби за порталите кои ја пласираа веста за насилството.

Иако вчера го пријавила својот се уште законски сопруг во полиција, сопругата на Ацевски се огласи на фејсбук и демантираше дека се работело за семејно насилство.

„Се оградувам од секој напишан збор од страна на овие квази портали и спремна сум во секое време да одговорам усно на сите нивни прашања бидејќи на пишуваните веќе не верувам. Одговорно тврдам дека Коки никогаш не бил насилен и дека секој проблем што се појавил во нашиот брак сме успевале да го решиме на најдобар можен начин. Коки бил и ќе остане најдобриот човек на оваа планета што воопшто го имам запознаено!“

Инцидентот во кој е вмешан пратеникот на СДСМ доаѓа во време кога власта спроведува кампања против насилство врз жените.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста