A што е со Македонија? Палмер: Црна Гора е најуспешна мултиетничка држава во регионот

Црна Гора е најуспешната мултиетничка држава на западниот Балкан. Специјалниот претставник на Стејт Департментот за Западен Балкан, Метју Палмер, во разговор со црногорскиот премиер, Душко Марковиќ, изјави дека неговото назначување праќа порака дека САД повторно се фокусира на Западен Балкан, при што дополнил дека не е случајно тоа што токму Црна Гора ја избрал за државата која прва ќе ја посети, бидејќи таа е најуспешен пример за мултиетничност во регионот. Ова, според познавачите, може да се толкува и како надворешно политички пораз за македонската влада со оглед дека една од главните пораки кои ги испраќа не само премиерот, туку и министрите, градоначалниците и владиниот пи-ар е дека токму нашата земја е шампион на мултиетничноста во овој дел на Европа. Истовремено од Црна Гора американскиот специјален пратеник упати уште една порака поврзана со нас, изразувајќи уверување дека Македонија наскоро ќе стане 30 членка на НАТО. Сепак иако Владата речиси како извесно го најавува нашето формално влегување во Алијансата за декември годинава, Палмер остава простор тоа да се случи и неколку месеци подоцна.

„Останаа извесен број членки кои треба да го ратификуваат протоколот за пристапување, вклучувајќи ги и САД. Тоа бара интерна процедура во Сенатот и се надеваме дека се ќе биде завршено до декември. Доколку тоа не се случи, тогаш ќе одредиме некој друг датум за неколку месеци“, рече Палмер во интервју за Радиотелевизија Црна Гора.

За влезот во НАТО не се проблем само процедурите во САД туку и во Шпанија каде допрва би можело да има предвремени избори кои ќе ја успорат ратификацијата во Шпанскиот парламент. Во меѓувреме се приближува состанокот на советот на ЕУ во октомври, на кој ќе треба да се донесе одлука дали земјава ќе добие датум за отпочнување на преговорите со ЕУ. Шефот на дипломатијата замина да лобира во Франција, Белгија и Германија, но по првите средби во Париз француските домаќини одлучија да се воздржат од коментар во врска со евентуалното давање на позитивна препорака за Македонија од страна на Советот на ЕУ.

Драган Милосављевиќ