Aлфа репортажа: Прилепското село Канатларци каде живее турско население, подготвено да прими и турски државјани доколку има потреба за тоа

       Шок и неверување, паника, вознемиреност и стравување за животите на своите собраќа од Турција, но и од Сирија. Молитви за спас на преживеаните, но и за оние кои останаа под рушевините од илјадниците тони бетон и железо. Прилепското село Канатларци каде доминира населението од турската националност, овие неколку дена живее во голема тага и жал.

   „Нефати паника. Веднаш јас се јавив кај син ми да го прашам – што е ова во Турција, дали има нешто кај нашите роднини, во „Бајрам Паша“ во Истанбул?! Син ми рече – не е тука, далеку е од нашите роднини, ама сепак, и тие се наши браќа. Кај што е земјотресот, живее бившиот оџа што ни беше селски. Него веднаш го побаравме, но не го добивме. Ама некои од соселаниве го добиле. Куќата му била падната, но тие здрави-живи биле цело семејство“, ни рече Беџет Исламоски од с. Канатларци.   

   Ибрахим Услу е од Турција и е новиот селски оџа. Вели, потекнува од град кој е погоден од земјотресот. Неговата куќа била до темел разрушена, но за среќа, без човечки жртви. Веста за земјотресот ја чул на телевизија, по што веднаш пробал да стапи во контакт со своите најблиски. „Тоа беа стравични моменти додека дознав како се моите“, раскажува тој.

   „Господ да чува, во последните години не се памети ваков земјотрес. Дека два земјотреси едно-подруго беа, затоа има и големи страдања, многу урнатини, многу луѓе се под урнатините. И периодов оти е зима е многу лош период и затоа луѓето повеќето останаа надвор, големи се штетите за настраданите…Затоа ние покренавме иницијатива како да им помогнеме на нашите браќа“, – кажа Ибрахим Услу, оџа во с. Канатларци.

   Свесни дека последиците од апокалиптичниот земјотрес ќе се чувствуваат уште долго време, канатларчани, освен што веќе на големо собираат хуманитарна помош, материјална и финансиска, тие се подготвени во своите домови да прифатат и нивни сонародници, доколку за тоа има потреба.  

  „Како канатларчани, во име на целото село да кажам, ние сме подготвени. Се надевам дека нема некој што би одбил таква одлука. Ги очекуваме, доколку има таква потреба, навистина ние сме подготвени да ги примиме, да бидат со нас додека се среди таму ситуацијата можеме да им помогнеме да бидат со нас“, – рече Ердован Исламоски од с. Канатларци.

     Додека заминувавме од селото, се’ побројни беа жителите кои на собирниот пункт во џамијата доставуваа различни видови помош, која пак со веќе организиран превоз, денеска или најдоцна утре треба да замине за Турција.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста