Aрмаколас: Доколку воопшто се ратификува Преспанскиот Договор во Грција, тоа ќе биде со тесно мнозинство

Додека Македонија го менува Уставот, две третини од грчките граѓани се против Преспанскиот Договор. Се помали се и шансите истиот да биде ратификуван во Грчкиот Парламент. Јоанис Армаколас, грчки експерт за односи меѓу Атина и Скопје денеска порача дека јавното мислење кај мнозинство во Грција е против Договорот и не очекува тоа да се промени во наредните месеци. Голем дел од Грците биле убедени дека Македонија имала иредентистички тенденции и тоа ќе излегло на површина ако Атина го ратификува договорот.

  • Практично две третини или околу 65 проценти од грчките граѓани се против договорот и не верувам дека големо мнозинство во Парламентот ќе биде за негова поддршка. Доколку воопшто Договорот се ратификува тоа ќе се случи со мало мнозинство од еден до два пратеника. Предизвикот сепак ќе биде наредниот ден кога ќе треба да и објаснат на грчката јавност зошто е потребно да се постигне договор, вели Јоанис Армаклолас шеф на Одделот за Југоисточна Европа во грчка „Елијамеп”.

Вчера, Василис Кикилјас или како што го нарекуваат грчкиот министер за одбрана во сенка изјави дека Ципрас ги моли партиите Потами и Независни Грци да не го извисат за потребното мнозинство во Парламентот. Потами која досега го поддржуваше Ципрас , по изјавата на премиерот Заев за изучување македонски јазик во Грција се изјасни дека не верува во Договорот и внимателно ќе го следи процесот.

За Каменос пак договорот е веќе мртов.Посебен проблем е можноста од предвремени парламентарни избори во Грција, каде премиерот Ципрас и владејачката Сириза речиси немаат шанса за победа особено со ратификуван Преспански Договор. Нова Демократија е далеку пред Сириза според спроведените анкети.

Официјална Атина засега испраќа оптимистички пораки, но реалноста и спроведените анкети покажуваат дека се повеќе се намалува кругот на Поддржувачи на Ципрас. Во Македонија пак промената на Уставот засега тече според предвидениот тек. Останува прашањето како би се вратила целата уставна процедура доколку Грција каже НЕ за ратификација на Договорот од Нивици.

Лепа Џундева