AНКЕТА: Најголем проблем на Македонците е економијата, на второ место криминалот и корупцијата
За Македонците главен проблем е сиромаштијата, а на второ место е криминалот и корупцијата. Ова се резултатите од вториот дел од анкетата спроведена од Маркет Вижн. 43% односно речиси половина од испитаниците сметаат дека најголем проблем е економијата, а 26, 7 % од нив велат дека најголем проблем е нефункционирањето на правниот систем, односно криминалот и корупцијата.
На прашањето дали за една година корупцијата е зголемена во однос на лани дури 80 проценти од испитаниците дале потврден одговор. Граѓаните не се оптимисти дека Македонија се движи во позитивна насока. Само 14 проценти сметаат дека сме на добар пат, а високи 55% сметаат дека земјата оди во негативна насока. Во пораст е и бројот на граѓани кои мислат дека блокадата од Бугарија е најважен проблем со кој се соочува нашата земја.На прашањето Дали верувате дека Македонија ќе стане членка на ЕУ?
Само 30 % сметаат дека Македонија ќе стане членка на ЕУ, а 49,9% одговориле дека Македонија нема да стане дел од европското семејство. Испитаниците од македонска етничка припадност се побројни во однос на испитаниците од албанска етничка припадност кои веруваат дека Македонија нема да стане членка на ЕУ. Дека има надеж за подобрување на животниот стандард под водство на премиерот Димитар Ковачевски очекувањата се ниски, односно само 18 проценти. За тоа која политичка партија има капацитет да креира и реализира најдобра економска програма за Македонија, 13,5% од испитаниците сметаат дека тоа е ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ очекувањата се кај 8,3 отсто од испитаниците, а од ДУИ – 5,1 %.
Во однос на проектот за изградба на коридорите 8 и 10 го поддржуваат 59,4% од испитаниците. Само 12,9% сметаат дека проектот кој треба да го гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ не е коруптивен, додека нешто повеќе од една третина од испитаниците сметаат дека е подобро овој проект да не се гради под вакви услови.
Во првиот дел од анкетата спроведена од Маркет вижн, за потребите на порталот МКД.МК, а објавена вчера уште еднаш се покажа двојно водството на ВМРО -ДПМНЕ во однос на СДСМ. Граѓаните доколку утре би бирале премиер , двојно повеќе му веруваат на Христијан Мицкоски отколку на Димитар Ковачевски.
На прашањето за која партија ќе гласате на следните избори, 22 отсто од оние што би излегле на гласање и се определени би дале предност на ВМРО-ДПМНЕ, додека 11, 5 % за СДСМ. Глас за ДУИ би дале 9,2 отсто од определените гласачи. Доколку утре се одржат избори 56,8% би излегле на гласање, а повеќе од 43 отсто од гласачите одговориле дека нема да гласаат, не знаат за кого ќе гласаат или дека ќе го поништат ливчето.
Паула Костадиноска