80 милиони денари од државната каса за спроведување на кампањата за референдум

Владата се премисли, наместо од сметките на министерствата, 80-те милиони денари за референдумска кампања на Собранието ќе ги користи директно од буџетската каса, од ставката функции на државата. На владина седница ја укинале одлуката со која ги задолжија министерствата да отстапат средства за кампања, ама ја потврдија нивната самостојна кампања како Влада за која ќе одвојат дополнителни 400 илјади денари од редовниот буџет на Генералниот секретаријат на Владата за агитирање кај народот.

Снимањето на промотивни спотови ќе било отстапено на пратениците во Парламентот, вели Бошњаковски, иако веќе извесен период токму премиерот објавува видеа за придобивките од членството во ЕУ и НАТО. Најавија и непристрасност во информативната кампања, па тоа што преку фејсбук, твитер, инстаграм ќе повикуваат на гласање не било спорно, бидејќи било стратешка определба на Владата.

Собранието веќе формираше и Координативно тело за кампањата кое ќе го раководи спикерот Талат Џафери, кое допрва треба да направи стратегија како ќе ја води кампањата која започнува на 10-ти септември. Пратеничките групи се договориле пари да има за сите пратеници, пропорционално, според изјаснувањето.

Иако пред неколку дена директно побараа од Владата пари за кампања, сепак финансиска поддршка ќе нема за партиите кои не се дел од Парламентот.

 Ивана Соколовиќ Најдова