8.000 родители подготвиле петиција до МОН со предлози како да започне новата учебна година

8000 родители со петиција до Владата – бараат да бидат вклучени во преговорите на надлежните институции за претстојната учебна година. Велат, МОН мора да обезбеди право на избор, оти не секој родител е согласен во услови на пандемија детето да му посетува настава. Петицијата, која ја испратија до редакцијата на Алфа, наскоро ќе биде доставена и во надлежното министерство.

„Да се овозможи онлајн настава за родителите кои од здравствени или лични причини ќе ја изберат оваа опција, а со тоа и ќе се редуцира бројот на деца физички присутни на час. Да се овозможи физичко присуство на настава за децата кои истата ја преферираат, но таа да не биде сведена на само 2 часа, што е тотално непродуктивно“, стои во иницијативата.

Бараат секој час да трае најмалку 30 минути, а зимскиот распуст кој според надлежните би можело да трае и 2 месеци, да се надомести во текот на летото, односно учебната година наместо на 10 јуни да заврши еден месец подоцна. Доколку нивните барања не се прифатат, најавуваат целосен бојкот на наставата.

„Според протоколите се најавува задолжително носење на маски, на ова има големи реакции од родителите особено на оние на помалите деца. Доколку маската не се носи правилно, таа повеќе може да му наштети на детето отколку да го заштити“, бараат родителите.

Во меѓувреме, МОН и Комисијата за заразни болести се уште тактизираат околу моделите за учење. Се разгледуваат повеќе опции – скратени часови кои ќе траат по 20 минути и работа во повеќе смени. Ротација на групи односно една недела во училишна клупа, а една недела учење од дома. Одделенијата со помалку ученици ќе учат со физичко присуство, но општините со поголем број деца ќе треба да се ротираат. Работните групи на Министерството и Комисијата следен состанок ќе имаат в среда, а најдоцна на 10 август ќе мора да бидат познати и протоколите за стартот на новата учебна година.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста