70% од граѓаните ги одложиле кредитите, банкарскиот сектор и понатаму е стабилен

Поради економската криза предизвикана од пандемијата со Ковид –  19, банките им понудија на своите клиенти  можност да го одложат плаќањето на кредитите во рок од 6 месеци.  Оваа понуда ја искористија околу 70 %од граѓаните, а банките нема да ги отпишуваат каматите за време на грејс периодот, туку истите ќе им бидат наплатени откако клиентите ќе започнат со редовно отплаќање на кредитот.

„Овие одложувања, за банките значат времено откажување од приливите што требало да ги наплатат во овој период, со што индиректно се поддржува економијата“, велат од Народна банка.

Од Народна банка посочуваат и дека банкарскиот систем е здрав и стабилен , со што може да се справи со различни промени кои потенцијално може да ги донесе кризата предизвикана од пандемијата со корона вирусот.

„Очекуваме банкарскиот систем да остане стабилен и сигурен и во следниот период. Веројатно е дека заради актуелниот шок ќе дојде до одредена материјализација на кредитниот ризик и појава на нефункционални кредити во билансите на домашните банки. Но она што е клучно, добрата кондиција и силните капитални позиции на домашните банки оставаат доволен простор за апсорбирање на евентуалните загуби, без притоа да биде загрозена стабилноста на банкарскиот систем“, соопштуваат од Народна банка.

Инаку, како што наведуваат од Народна банка, нивото на нефункционални кредити во земјава периодов е околу 4,8 отсто од вкупниот број.

Адријана Алексиеска

 

Advertisements