70 денари килограм домати, Владата ги замрзна цените на 11 видови овошје и зеленчук

Oд среда, дел од овошјето и зеленчукот ќе се продаваат по пониски цени. Владата донесе одлука со која се одредува највисоката цена, на 11 производи. Од министерството за економија ја правдаат одлуката со маржите, кои достигнале и до 250%. За производителите, мерката на Владата – е популистичка, и ќе го докрајчи производство во Македонија, кое од година в година, се намалува.

Доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперот, гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините и лимонот заминуваат под мраз. Со владина одлука од 5 април се замрзнуваат цените на 11 видови овошје и зеленчук. Тие ќе се продаваат по замрзнати цени до крајот на април, а мерката се носи во пресрет на празниците. Новите цени ќе важат и за маркетите и за пазарите, а инспекцијата постојано ќе биде на терен и ќе врши контроли. Анализите, според министерот за економија, покажале дека за овие производи имало маржи кои достигнале до 250%.

  • Свежите домати ќе чинат максимум 70 денари, краставиците 75 денари, кромидот 60 денари, карфиолот 70 денари, максималната цена по која ќе се продава пиперот не смее да надмине 90 денари, гравот 75 денари, леќата 110, бананите 70, портокалите 55, мандарините 60 и лимонот 55 денари за еден килограм, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Но тоа не е сè, листата може да се зголеми, а министерот за економија Крешник Бектеши побара помош од граѓаните тие да ја надополнат со производи на кои треба да им се замрзне цената.

Од пазарната инспекција велат дека досега биле изречени над 20 прекршочни и парични казни за фирмите кои изминатиов период си терале по свое. Кои се тие – директорот пак не кажа. Рече дека во зависност од големината на правниот субјект, казните се движат од 800 до 10.000 евра.

  • Граѓаните постојано праќаат поплаки до инспекторите за високите цени и непочитувањето на мерките од страна на продавачите. „Никој не е над законот. Нема да дозволам да има исклучоци и секој што прекршил одлука ќе биде санкциониран, а казните се високи“, изјави директорот на ДПИ Горан Трајковски.

И додека Владата мрзне цени, експерсно алармираа земојделците. Велат дека со ваквиот чекор свесно се ништат и оние оранжерии кои останале, а ограничување на цената на зеленчукот, било опасно за домашното производство. Од Групацијата на оранжериско и пластеничко производство додаваат дека власта носи непазарна мерка само за да ги придобие граѓаните пред парзниците.

  • Владата уште со укинувањето на прелевманите за увоз на градинарски производи и со договорот за бесцарински увоз во земјите од Западен Балкан го уништи домашното производство, а со оваа мерка веќе го докрајчи оранжериското и градинарското производство во земјава кое од година во година се намалува. Нерешени се низа состојби кои придонесоа да има сè помалку работна рака, а трошоците на производство да растат, велат од Групацијата на оранжериско и пластеничко производство.

Претходно, во пресрет на Велигден и Бајрам, беше донесена одлука за замрзнување на цените на јајцата и на месните производи, но јавноста реагираше дека тоа е популистичка мерка зашто со 1 до два денари не може да му се помогне никому. Паралено, беа замрзнати цените на тестенините и млечните производи за 15% и 10%, а беше ограничена и цената на лебот на 33 денари, одлука што и натаму некаде не се почитува.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста