70% од работниците земаат помала плата од просечната од 25.784 денари

Околу 70% од работниците можат само да сонуваат да земат просечна плата од 25.784 денари. Според пресметките на синдикатот и покрај тоа што просечната нето плата во земјава порасна за 8%, голем процент од вработените не добиваат пристојни плати. Во секторот земјоделство просечната плата е 19.100 денари, во преработувачката индустрија над 21 илјада денари, а во градежништвото 22.633 денари.

Просекот, според синдикатот, се зголемил само статистички поради порастот на минималецот, но работниците никако не можат да стигнат до сумата од над 25 илјади денари месечно. На тој начин се изедначуваат платите на луѓето, независно од нивната умешност и образование. Уште едно покачување на минималната плата, дополнително ќе ја намали мотивираноста кај работниците со примања поголеми од минималецот – тврдат од синдикатот. Бараат Владата да им помогне на фирмите за да можат да им дадат повисоки плати на овие луѓе.

Земјава е на дното во Европа и според просечната плата, но и според продуктивноста на работниците. И покрај тоа што има исклучоци, ретко која фирма вложува во нова технологија и опрема, особено во трудово интензивните дејности. Работниците, пак, со скромните примања едвај можат да го поминат месецот. Според последните пресметки на Сојузот на синдикати, минималната месечна потрошувачка кошничка „тежи“ 32.670 денари, што е скоро 7 илјади денари повеќе од просечната плата, а за дури 20 илјади денари ја надминува минималната плата во земјава.

Тања Попова