70% од заразените со мајмунски сипаници на светско ниво се во Европа

За само неколку месеци, бројот на мајмунски сипаници надмина 18.000 заразени и пет смртни случаи во 78 држави. Според светската здравствена организација, над две третини, односно 70% од заразените се на Европскиот континент, додека над 98% од инфицираните се мажи кои имаат повеќе сексуални партнери.

Најновите податоци на европскиот центар за контрола и превенција на болести покажуваат дека најголем број од заразените се во Шпанија, каде се регистрирани 4942 случаи на зараза, пријавени се и два со смртни последици, следни на листата се Германија со 2887 и Франција со 2423 инфицирани.

Во меѓувреме, во Германија се појави прв педијатриски случај на мајмунска сипаница кај 4-годишно девојче од Пфорцхајм, кое живее во семејство со двајца заболени.

На Балканот веќе го има во неколку земји.

  • „Од почетокот на епидемијата на мајмунски сипаници, до 8 август 2022 година, следните земји од Западен Балкан пријавиле потврдени случаи на мајмунски сипаници: Србија (23), Босна и Херцеговина (1) и Црна Гора (1). Дополнително, пет случаи се пријавени и во Турција.“ – Соопштуваат од европскиот центар за контрола и превенција на болести.

Генералниот директор на СЗО, Гебрејсус, неодамна прогласи дека ширењето во повеќе земји претставува вонредна состојба за јавно здравје од меѓународен карактер.

Мајмунски сипаници е болест предизвикана од зоонотичен вирус, зараза која преминала од други животни на луѓето. Има слични, но потешки симптоми како малите сипаници, што вклучуваат осипи на кожата и треска.

Вирусот може да се пренесе преку контакт и размена на телесни течности, преку допир со осипи на кожата, устата или грлото, како и преку плунка и контаминирани предмети.

За оваа зараза засега вакцина има пронајдено данска фармацевтска компанија, за која има препораки и од Европската агенција за лекови дека може да се користи.

Никола Цветкоски