7 евра за м2 на ултра атрактивна локација во Општина Центар, за продажбата Бесими дознал од медиумите

Дали разликата од продажбата на актрактивното земјиште спроти НИП Нова Македонија вредно 1.3 милиони евра, а продадено за само 4 илјади евра, завршила во џебот на некој од власта, прашува опозициската ВМРО ДПМНЕ. Од партијата велат дека постапката за продажбата на државното земјиште се случувала во очи на Нова година, односно на 29-ти декември 2021 година кога министерството за финансии дава решение со коешто се прифаќа барањето на инвеститорот за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. На ова му претходело договор склучен помеѓу Општина Центар водена од Саша Богдановиќ, во тоа време градоначалник и инвеститорот на втори октомври 2020 година каде што фирмата инвеститор приватизира земјиште по цена од едно евро за м2.

Петта година СДСМ се на власт, ако сметале дека законските решенија не се соодветни, не се добри, а вчера се произнесоа дека не биле соодветни, можеле да извршат измени на законите и да доведат до нивно подобрување. Меѓутоа пет години тие не го сториле тоа. Паралелно Општина Центар можела да го промени ДУП-от на оваа локација, но и тоа не го направиле,  така да тие изговори паѓаат во вода, велат од ВМРО ДПМНЕ.

А министерот за финансии Бесими се правда оти за случајот дознал од медиумите. Наместо конкретно да одговори зошто власта распродава државно земјиште по екстремно ниски цени, Бесими вели дека не станувало збор за продажба туку постапка за приватизација и уредба за цените.

-Не станува збор за продажба на земјиште, туку за приватизација на земјиште. Процесот на продажба се врши согласно законски прописи преку општина, а приватизацијата на земјиштето се врши врз основа на Закон за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост преку Управата за имотно-правни работи, а надоместот кој се плаќа за приватизацијата е утврден со Уредбата на Владата за висина на надоместот за приватизација на градежно земјиште од 2011 година, рече министерот.

Како што веќе беше објавено, просторот спроти поранешната зграда на „Нова Македонија“ од државно ќе стане приватно големо градилиште и тоа по само 7 евра за квадрат во центарот на Скопје.Во прашање се четири парцели со вкупна површина од над 600 квадратни метри, според документите, наменети за хотелски комплекс. Ова не е единствениот случај кога атрактивни државни парцели завршиле во раце на инвеститорите по багателни цени. Таков е и случајот со висококатниците кај Холидеј Ин кога 9.000 квадратни метри беа купени за 2,9 милиони евра, или 312 евра од квадратен метар.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста