7 часа заглавен под урнатините – Сашо Бањански сведочи за катастрофалниот земјотрес

На улицата  Ѓуро Ѓаковиќ бр. 23 во Скопје, на 26 јули во далечната 1963 година, 16 годишниот Сашо Бањански заедно со своите родители безгрижно спие. Помладата сестра Светлана, во моментот е на гости во Кавадарци…05ч и 15 мин. Сашо е во собата на сестра му, наеднаш се буди од болка, вазната која е недалеку од креветот го удира по главата. За хаосот кој што се случува во тој момент мисли дека е пробем со изградбата на зградата, не е свесен за тоа што следи… Две минути подоцна, се се урива пред неговите очи.. Цели 7 часа Сашо е затрупан под урнатините…

Пред камерата на Алфа 72 годишниот Сашо  сведочи за кобниот датум 26 јули кога во 5:17 минути срцето на скопјани за момент застана и засекогаш остави трага во нивните спомени.

Набргу тој бил спасен. Спасени биле и неговите родители. Сашо оди да студира во Сараево.. По година дена се враќа во родниот град Скопје, по краток период го губи својот татко кој според неговите тврдења умира од стрес и тага…

Бањански вели дека секоја година на овој ден, со болка во срцето се присетува на ужасниот земјотрес со 9 степени според Меркалиевата скала и магнитуда од 6,1 степени, во кој над  1.000 жители ги загубиле животите, а огромен број луѓе, меѓу кој и семејството на Сашо останале без кров над глава.. Тој сега живее  со својата сопруга во Трнодол на локација која им била доделена како помош од Сојузот на црквите на Европа, во знак на солидарност.

Јована Грчева