});

Револт кон УЈП откако побара и пензионерите електронски да се регистрираат

Наместо полесни процедури, отежнување на постапката. Граѓаните револтирани откако Управата за јавни приходи побара сите да се регистрираат во новиот електронски систем за персонален данок, не само оние што досега поднесуваа годишна даночна пријава, туку и оние што земаат само плата или пензија. Граѓаните велат ретко кој пензионер има компјутер или пак знае да работи на интернет, а не пак електронски да се пријавува во УЈП. Сметаат дека Управата треба да ги искористи податоците од претходните години и по службена должност да ги собере податоците од пензискиот фонд, а не дополнително да им ја отежнува процедурата на постарите.

Од УЈП смируваат дека пензионерите ќе можат да се регистрираат преку давање полномошно право на друго лице или пак, да дојдат со него на шалтерите во Управата и да го овластат да ги потврдува податоците место нив. ИИ преку мобилни даночни шалтери пензионерите ќе можат да се регистрираат во системот. Иако досега само 13 илјади луѓе се регистрирани во новиот електронски систем, вкупниот број на вработени, пензионери и хонорарци што треба да се пријават надминува еден милион. Засега, од УЈП нема информации колкави глоби ќе плаќаат оние што нема да се регистрираат во системот.

УЈП од следната година за првпат ќе почне електронски да им праќа на граѓаните претпополнета даночна пријава за приходите остварени во 2018-та. Пријавите треба да им бидат доставени на граѓаните најдоцна до 30 – ти април, а потоа тие ќе треба да ги потврдат или коригираат податоците најдоцна до 31 мај. Доколку тоа не го сторат ќе се смета дека Управата подготвила точна даночна пријава за претходната година.

Тања Попова