НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алфа 76 денови чека на одговор од Владата-кој го плати патувањето на децата на премиерот во Америка?

76 денови Алфа чека на одговор од Владата – кој го плати патувањето на децата на премиерот Димитар Ковачевски кој си ги зема со себе на работна посета во Соединетите Држави заедно со владината делегација.  И не само со чии средства се платени авионските карти и хотелот за децата, Алфа веќе два месеци бара одговори колку членови броеше делегацијата, и колку пари од државната каса се платени за прекуокеанското патување.

Портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа најпрво потвди дека го добил барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер, за потоа да тврди дека барањето залутало во погрешен сектор.

Од Илинденска се уште не кажуваат ниту колку члена брои целата делегација, но Алфа неофицијално дозна дека во Вашингтон и Њујорк биле речиси 30 луѓе.

Инаку на официјалните страници на социјалните мрежи беа објавени повеќе фотографии и видеа од средби на премиерот каде е придружуван од неговата сопруга, но никаде официјално не беше споменато дека во Соединетите Држави си ги понел и децата.

Досега, Македонија не памети функционер кој во официјална работна посета со себе го понел цело семејство, а ниту еден странски владин претставник не ни дошол во официјална посета носејќи ги со себе сопругата и децата коментираа за Алфа пиар лица кои со години работат протокол во државни институции.

Владината делегација и премиерот во САД замина на 2 мај, а се вратија една недела подоцна.

Ова не е прв пат Димитар Ковачевски да си го зема и семејството на официјални патувања. Лани во мај замина во Рим на аудиенција кај папата Франциск придружуван од неговата ќерка.

Овој скандал предизвика лавина реакции, јавноста гласно велеше дека Ковачевски не се кралско семејство и дека ќерката на премиерот не е принцеза за да има протоколарна улога како што Димитар Ковачевски се обидуваше да се оправда тогаш.

Паула Костадиноска