Големи штети во повеќе македонски градови и села
Голем број дојави за паднати дрва во повеќе села и градови низ земјава регистирале регионалните единици на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во збирниот извештај оттаму посочуваат дека штети има пријавено во околината на Штип, Виница, Кочани, Пробиштип, Струмица , Кратово, како и во главниот град.
По вчерашното попладневно невреме што го зафати Скопје на бројот за итни случаи пристигнале околу 40 пријави, а триесетина од нив се поврзани со паднати дрвја, бандери со струјни и телефонски кабли. Од Центарот за управување со кризи велат дека граѓаните пријавуваат паднати дрва, поплавени улици, оштетени возила, како и откорнати покривни конструкции. Дел од градоначалниците на скопските општини објавија дека службите се на терен и ги санираат штетите.
Во Кочани предизвикала помала материјална штета на кровните конструкции на неколку објекти, а од врнежите од град со големина на лешник оштетени се овошки и градинарските култури.
Во селото Жиганци имало и дојава за пожар, кој бил навремено изгаснат, а настана од силниот ветер кој предизвикал краток спој на електричниот довод меѓу две куќи.
На подрачјето на општина Карбинци, на патниот правец Штип – Кочани, пред бензинската станица кај с.Крупиште имало паднато дрво, а како последица на силен ветер имало и падната топола во с.Радање, кое привремено останало и без струја.
Дојави за паднати дрва имало и во околината Струмица, пренесува цук.