Непознато лице пукаше во таткото на исчезнатиот Самоил Костадиновски, внукот на Љубе Бошковски
Ова е Улицата Тодор Чангов во населба Лисиче, која денеска наликуваше како да е дел од филмска сцена. Паднатиот мотор сведочи за пукањето во кое со најмалаку два куршуми е погоден таткото на исчезнатиот внук на Љубе Бошковски, Самоил Костадиноски. 57 годишниот Љупчо Костадиновски во 8 часот одел да ја однесе внука му во градинка, но на враќање го пресретнал моторџија облечен во црно, кој со пиштол отворил оган кон него. За среќа го погодил само во подлактицата и во рамото. Веднаш е пренесен во болница и според последните информации тој е во стабилна состојба и е надвор од животна опасност.
МВР трага по моторџијата проверувајќи ги сите околни камери со цел да го лоцира пред пукањето. До моторот е најден и пиштолот, па непознато е дали напаѓачот бил несмасен или намерно се ослободил и од моторот и од пиштолот, па избегал.
На местото имаше насобрано помала група луѓе, кои повеќето беа вознемирени соседи.
Теории за изчезнувањето има многу. Според една, која ја раскажуваа соседите зад камера, Самоил пред исчезнувањето имал проблеми со одредена нарко-група. Приказната на комшиите оди дотаму дека целиот случај е врзан со долг кој го имал Самоил кон групата, па дури и дека тоа е мотив и за денешниот напад на татко му.
Инаку, неодамна Љупчо Костадиновски нудеше и награда за пронаоѓачот на неговиот син , по кого полицијата трага. Неколку месеци ниту глас ниту трага. Од обвинителство не откриваат никакви детали. Велат дека презеле огромен број дејствија, но кои, не кажуваат.
Самоил Костадиновски последен пат е виден почетокот на март како влегува во кола со непознати чица, пред Чешката амбасада на Водно. Оттогаш ниту семејството ниту полицијата не можат да ја најдат трагата на киднаперите.