Милионски штети за државниот буџет поради застарување предмети во Управниот суд-засега нема одговорност за претседателот

Државниот буџет претрпел милионски штети поради застарување на постапки во Управниот суд и поради рачно распоредување на предмети од страна на претседателот Бурим Сејдини. Ова стои во претставката до Судскиот совет во која се бара утврдување одговорност. Советот расправата за оваа точка ја одложи дури за септември, откако екипата на Алфа побара јавност во постапката. Антикорупциска веќе работи на предмет оформен за Бурим Сејдини, а во Финанската полиција не откриваат дали ќе преземат нешто.

Антикорупциска веќе работи на предмет оформен за претседателот на Управен суд Бурим Сејдини за кој Судскиот совет расправаше на затворена седница. Во претставката до Судски совет до која дојде Алфа стои дека претседателот Сејдини рачно распоредувал и местел предмети со цел да застарат поврзани со царина и даноци со што е нанесена штета на државниот буџет од милијарда денари.  Директорот на финансиска полиција Горан Иванов во телефонски разговор без конкретен одговор дали истражуваат за застарените предмети во Управен и евентуалната штета од една милијарда денари од државниот буџет. Вели дека за предистражна постапка не даваат информации ниту за  правно, ниту за физичко лице, но во официјален допис информира дека ги следат медиумските написи.

Управата за финансиска полиција внимателно ги следи информациите кои се објавуваат во медиумите секојдневно, па така и за конкретниот случај кој е од Ваш интерес. Ги земаме во предвид сите индиции кои се објавени од медиумите и внимателно ги следиме состојбите, а по анализа на добиените информации и сознанија, ќе постапиме согласно позитивните законски прописи, сооптуваат од финансиска полиција.

Судскиот совет на последната седница откако ги избрка новинарските екипи одлучи во септември да расправа за евентуалната злоупотреба на Акмис системот од страна на Сејдини. Официјално оттаму велат немале кворум и чекале да се екипираат, а  наши извори од внатре брифираат дека токму членот на советот Селим Адеми кој вчера беше најнервозен поради прашањата на Алфа, побарал одложување.

Уште пред две години медиумите пишуваа за неверојатна бројка од 5000 застарени предмети во Управниот суд, за кој Судскиот совет никогаш не покрена постапка, но затоа пак, токму членовите на Советот истата година го реизбраа за претседател.

Според анкетниот лист Бурим Сејдини има родна куќа во селото Зајас, од кај што родум е лидерот на ДУИ Али Ахмети. Медиумите се се погласни за судии и обвинители од Зајас.

Судскиот совет во тајна постапка ќе одлучува за евентуалните злоупотреби на претседателот на Управен суд дури во септември откако ќе се екипираат, иако беа доволно екипирани за да состават кандидатска листа за нови членови. Инаку Сејдини е актуелен претседател и располага со печатот, а стравувањата на познавачите на судските практики се дека може во меѓувреме  да ги уништи сите докази.

Паула Костадиноска

Advertisements