Започнува 57-то издание на најпрестижниот меѓународен театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Од вечерва, па се до 16 јуни на градот под Марковите Кули, ќе му се случува театар. Започнува 57-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ кое годинава ќе понуди 10 претстави во официјалната програма, пет во програмата на „Независна продукција што игра домашни автори“, како и неколку дипломски претстави. „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски, во изведба на велешкиот Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ е претставата која го отвора Фестивалот, откако на годинашните лауреати, доајените на македонското глумиште, Петар Темелковски и Петар Мирчевски ќе им бидат врачени наградите за животно дело на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“.

  „Предизвикот да се селектира Програмата за годинешното издание на Фестивалот беше огромен затоа што сметав дека на најстариот и на најзначајниот театарски македонски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт, концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме, кој треба да не замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар“, – истакна Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“. 

   Годинашното издание на Фестивалот освен претставите, ќе понуди и секојдневна театарска програма за најмладите – „Чернодрински за деца“,  разговори на Тркалезна маса, промоции на книги, меѓународна конференција, изложби, како и секојдневни поставки на живи статуи и приказ на средновековни тетарски изведби – скомрахи кои што ќе се шетаат низ Прилеп и ќе ги покажуваат своите етиди. Исто така, во Градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде отворена ретката и роднокрајна збирка во чест на авторот „во фокус“, Коле Чашуле. Годинава, за прв пат, жири-комисијата што ќе одлучува за наградите ќе биде целосно странска. Мики Радојниќ, театролог, актуелен директор на „Стеријино позорје“, Милош Латиновиќ, директор на театарот и фестивалот „Битеф“ и Јанко Љумовиќ, театарски продуцент и некогашен министер за култура на Црна Гора.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста