Реакции по разрешувањето на Дамева: Ново системско решение за избор на судии и обвинители

Растурање на шаховската табла, а не нова партија шах со слично поставени фигури, симболично професорот Гордан Кајалџиев го коментира вчерашното разрешување на претседателката на Судскиот Совет, Весна Дамева. Според него Дамева не била подобна за досегашната функција.  Потсетува  дека таа од судски службеник седна во претседателско столче, без ниту еден ден да суди.

Според Калаџиев итно  е потребно ново системско решение. Универзитетскиот професор потенцира дека сите знаат за партиските места во Судскиот и Обвинителскиот совет.

Мене ако ме прашате јас би ги распуштил или би им предложил да се самораспуштат двата совета, да се направи некое привремено решение. Еден чекор понатаму кога би оделе истото важи и за сите постојни претседатаели на судовите, би ги разрешил и би оставил колективите со внатрешно гласеање да изберат вд, додека не се најде посолидно решение, а тоа е ново системско решение, вели Гордан Кајалџиев, професор на Правен факултет Јустинијан Први

Инаку по целиот хаос во судскиот совет, лавина реакциии. Реагираше и професорката Ана Павловска Данева.

Потпретседателот на Судски совет и го одзеде зборот на претседателката на Советот и продолжи да ја води седницата, па ја разреши спротивно на Закон и Деловник. Сите молчат! Утре може да се случи првиот (или вториот, третиот…) вицепремиер да му го одземе зборот на премиерот и да продолжи да ја води Владата! Сите пак ќе молчат! И него ќе го пуштат низ вода. Битно нивните функции, паушали, хонорари да останат нечепнати“, напиша Данева.

Се јавија и Антикорупционерите. Очекуваат вклученост и реакција од сите релевантни државни субјекти за случајот со разрешувањето на Дамева.

Имајќи ја предвид позиционираноста на Судскиот совет како највисок орган на судската власт, кој треба да се залага за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и за обезбедување на независноста на судската власт како трет столб на власта, Државната комисија изразува сериозна загриженост за случувањата на седницата на Судскиот совет, од кои во медиумите беа презентирани и видео записи“, се наведува во денешното соопштението на ДКСК.

Реакции има и  од Брупринт групата за реформи во правосудството,  Коалицијата за правично судење, како и голем број на адвокати  дека неделовнички се постапуало и не постоел правен основ за разрешување на Дамева.

Весна Дамева седна на главното столче во Судскиот совет на крајот на минатата година откако тогашната претседателка Црвенковска си даде неоповиклива оставка. За член на Судскиот совет е избрана од Собранието во  2019, а ја предложи претседателот Пендаровски. Претходно со години и беше стручен соработник  на судијката Добрила Кацарска во Кривичниот суд, а истовремено и член на правната комисија на СДСМ. Откако стана шефица на Судскиот совет, фелата и јавноста критикуваа како Дамева без ниту еден ден судиски стаж ќе одлучува за сите судии во Македонија.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста