Три медицински лица заболени од Ковид 19 во Штип, во Кочани заболено две годишно дете

Уште еден лекар, болничар и медицинска сестра од штипската Клиничка болница се позитивни на вирусот. Сите биле во контакт со 80 годишната жена која на 26 март била примена на инфективно. Првично пациентката се лекувала од пневмонија, затоа што и двата теста и беа негативни.
Директорот на болницата д-р Aлен Георгијев најостро ги демантира шпекулациите дека медицинскиот персонал не е соодветно заштитен. Објасни декa најверојатно пропустот е направен при несоодветно користење на опремата. Од вкупно 15 кои се во самоизолација, 5 се негативни, а се чекаат резултати за уште шест медицински лица.

Позитивен е тестот и на 28-месечното дете кое сношти со покачена температура е примено на детското одделение во Општата болница во Кочани. Поради клиничката слика веднаш му е земен брис, изјави за Алфа дир. Александар Серафимов.

Засега нема информации како детето се заболело и дали има други заболени од неговото семејство. За само пет дена ова е втор случај на заболено дете во Кочани. Претходно на 7 април корона вирус беше потврден и кај 4 месечно бебе. Бидејќи бебето се лекувало на детското одделение во кочанската болница целиот персонал на одделението вкупно 16 е тестиран, а тестирани се и инфектологот и медицинската сестра од амбулантата за инфективни болест.
Дел од тестовите се негативни, а за дел се чекаат резултати. Во штипската болница се хоспитализирани 13 пациенти, а уште 13 се следат на домашно лекување. Кај една пациентка има влошување на состојбата, додека останатите се стабилни.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста