6.803 компании ставиле клуч на врата

6.803 компании ставиле клуч на врата. Заклучно со февруари годинава, Централниот регистар по службена должност избришал 3.603 фирми бидејќи не доставиле годишна сметка, немале електронска адреса или поради невпишан влог. Дополнителни 3.200 бизниси престанале да постојат поради ликвидација или стечај. Од друга страна, пак, со приближно иста динамика се отвораат и нови компании.

До крајот на годинава треба да профункционира и регистарот на вистински сопственици, кој е чекор напред кон спречување на перење пари. На овој начин ќе се знае точно кои граѓани се крајните сопственици во македонските компании или како преку странски фирми станале сопственици на бизниси во земјава. Ова особено се однесува на компаниите од државите кои важат за „даночни раеви“. Секој граѓанин ќе треба да го информира Централниот регистар во кои домашни и странски фирми има учество, дури и кога тоа е помало од 5%.

Лани во земјава беа регистрирани над 600 милиони евра странски инвестиции. Дури 3 држави кои спаѓаат во таканаречените „даночни раеви“ се на врвот на листата на најголемите странски инвеститори. Компании од Бермуди лани вложиле 36 милиони евра, а 31,6 милиони евра влегле во земјава од Луксембург, односно од Бахами.

Тања Попова