Бизнисот алармира: Одливот на мозоци е погубен за економијата, за една година над 9.000 млади си заминале од Македонија

Стопанството постојано алармира дека одливот на кадри станува неиздржлив. Ако, сега и веднаш не се најде ефикасно решение – ќе стане погубен за домашната еклономија, која од ден во ден станува се послаба.

Ќе стане ли Македонија земја на старци?! За само една година, нешто повеќе од 9.000 млади купиле билет во еден правец и „побегнале“ од сопствената земја. Младите се разочарани од лошиот квалитет на живот, ги загрижува несигурноста, а на глава им тежи и економска несигурност, велат стопанствениците. Според нив, потребно е инвестирање во образованието, но и вработување на младите во институциите за да останат дома. Паралелно, околу 1.500 од нив се школуваат во високообразовните институции во Словенија.

  • Околу 9,5 илјади млади луѓе заминуваат од земјава на годишно ниво. Ние инсистираме и во нашиот фокус, како претставници на бизнис заедницата, е постојано да реализираме активности за задржување на младите кадри во земјава. Има бројни мерки и активности што придонесуваат за тоа, а една од нив е и денешниот настан. На денешниот настан ќе дискутираме на оваа тема и ќе ги утврдиме недостатоците, предностите, се она што е релевантно за да може понатаму да се спроведува политика значајна за задржување на младите во земјава. Наша заложба е да придонесеме и државните органи и институции да имаат поголема можност и активности за привлекување на овој кадар заради квалитетни услуги што претставуваат поддршка на бизнисот. Истовремено апелираме да се инвестира во научноистражувачки институти, лаборатории и други соодветни активности што ќе придонесат за поддршка на бизнис заедницата, а ќе може да го апсорбираат овој кадар, истакна Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора.

Министерот за финансии ги повикува младите да се стрпат и да останат дома бидејќи за 7 години ЕУ ќе дојде кај нас. Прашан зошто државата нема стратегија за квалитетниот кадар да остане дома, Бесими не кажа. Претходно, власта кажа дека размислува за увоз на странска работна сила, зашто според статистиките, годишно ни фалат 10.000 работници. За да се ублажи ударот, земјава на заинтересираните им нуди плата од 200 евра.

Покрај добрата заработувачка што е предизвик за младите, сигурно и квалитетните услови за живот се она што би ги задржало овде, во државава, смета приватниот сектор.

  • Одлив на кадри се случува секаде, не само кај нас. Но, главната порака што младите треба со сигурност да ја знаат е дека во Македонија тие ќе ја најдат ЕУ. ЕУ е тука во Македонија, во Скопје, во секој град, во секое населено место, село, во секој дел од нашата земја. Тоа се условите кои треба ние да ги обезбедиме и веќе работиме на неколку аспекти, не само како политичка фраза, туку и со конкретни мерки, во делот на студентскиот стандард, во делот на можности за вработување, како и можности за поддршка на младите во претприемачки иницијативи за научна перспектива тука. И покрај сите овие работи кога ќе се направат, сепак ќе има млади што ќе наоѓаат подобри можности во други земји и тоа е феномен што постоел отсекогаш во светот, постои и тука, но тоа што е наша задача е да обезбедиме младите да имаат перспектива и да гледаат европска перспектива тука во Македонија, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

И додека младината си оди поради недовербата на институциите, проблем е и високата корупција, постојаната политичка нестабилност, желбата за подобар животен стандард, проблемите со образованието, здравството, како и немањето перспектива. Најзагрижувачки е што си заминуваат младите високообразовани кадри, оставајќи ја земјава без развојни перспективи, посебно помалите градови кои остануваат целосно празни.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста