По скандалот со пациентот кој почина на улица, инспектори влегуваат во прилепската болница

ДСЗИ ќе ја „чешла“ медицинската документација во врска со починувањето на пациентотот со ампутирана нога, кој почина пред два дена на клупа пред Болницата, а неговиот брат обвини дека пациентот, иако се уште неоздравен, буквално бил исфрлен од Болницата.

ДСЗИ  ќе изврши  вонреден инспекциски надзор во прилепската Болница со увид во медицинската документација за пациентот и врз основа на констатираната состојба ќе преземе мерки, согласно своите надлежности. По завршување на вонредниот инспекциски надзор, јавноста ќе биде поконкретно информирана, ни рекоа за Алфа од МЗ.

На прилепската Болница пак и’ требаа повеќе од 48 часа за да се огласи на својата фб-страна со официјално соопштение во врска со овој случај кој на нозе ја крена цела македонска јавност. Ова откако непосредно по трагичниот настан, за Алфа тогаш кратко ни изјавија дека пациентот ја добил сета потребна грижа, дури и подолго од што требало и дека болничкото лекување му било завршено.

„Пациентот е примен во Одделението за ортопедија и трауматологија на 01.08.2022 година и во текот на 43 дена колку што е останат, преземени се сите мерки на лекување од наша страна. Правени се секојдневни стерилни преврски на раната и давање на интравенски инфузии со антибиотици и по потреба и аналгетици. За цело време, Одделението каде што беше сместен алармираше за неговото недолично однесување, примање во собата сомнителни лица, внесување недозволени средства, дефецирање на средина во болничка соба и многу други работи“, стои во соопштението.

Од Болницата наведуваат дека во време на исписот на пациентот, на 14 август,  раната веќе била затворена и неговата општа и локална состојба добра. Но тогаш, членовите на неговото семејство не сакале да го примат, па неговиот брат правел невидено шоу во кругот на болницата. Службеното барање од Болницата да биде сместен во Старскиот дом, исто така било одбиено, со образложение дека таму немало место, па сега починатиот Горан останал уште цел месец во Болницата, односно се’ до неговата смрт.

Наодот од обдукцијата ќе покаже што уште му донесол на братот, кој два дена го остави во дворот“, – соопштуваат од Болницата.

Братот на сега веќе починатиот Горан пак, а кој признава дека брат му бил со проблематично однесување заради што и станал бездомник, убеден е дека човекот починал од болничка негрижа. Вели, се обидел да го направи најдоброто што го знаел за да му го спаси животот на брата си, нo се случило токму обратното, за што сега, искрено жали.

Тој жив беше месец и 15 дена горе во собата во Ортопедско, сега преку ноќ – умре. Тој немаше, не му дадоа никаква терапија…Тотално немаше грижа, оти тие неоздравен го пуштија надвор, го исфрлија, едноставно“, – објаснува Зоран Димески.

Семејството најави тужба против Болницата, а наодите од обдукцијата ќе треба да покажат од што точно починал 51-годишниот Горан Димески на клупата пред Болницата.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста