50% повисока дневница и слободен ден за работниците кои ќе работат во недела

За околу 500.000 работници недела ќе биде неработен ден, а оние што ќе работат во недела треба да добијат повисока дневница за 50% и слободен ден. Исклучок од ова решение ќе бидат 34 дејности кои ќе работат и во недела, предвидува новата регулатива чии детали ќе се прецизираат наскоро.

Законското решение кое овозможува недела да биде неработен ден е во последни подготовки и брзо се очекува да влезе во собраниска процедура, а на сила се очекува да стапи од септември. Синдикатите ја поздравуваат оваа иницијатива, но бараат строга контрола од страна на инспекторатот за труд. Од таму пак велат дека активно ќе се работи на тоа поле.

Измената на законот за работни односи се уште е во тек, па поради тоа не можам да кажам што точно се регулира со членот од законот за работни односи, според кои недела ќе се смета за неработен ден, изјави денеска директорката на Државниот инспекторат за труд Јована Тренчевска.

Таа потенцира дека на измената работат Министерството за труд и социјална политика во координација со социјалните партнери.

  • Во однос на измените на законот за работни односи, за регулирање на недела како неработен ден сакам да истакнам дека измената е во тек, се уште не е конечен предлогот и затоа не можам да кажам што ќе регулира тој член од Законот за работни односи, а во самиот предлог ќе биде даден начинот на кој Државниот инспекторат за труд ќе ги врши контролите за почитување на оваа одредба од законот, изјави директорката на државниот инспекторат.

И во сегашниот Закон е предвидено да се плаќа повисока дневница за работа во недела, но ретко кој и тоа го почитува. Зошто не се почитува сегашниот закон и каде се инспекциите, прашуваат и од Организацијата на работодавачи. Надлежните пак велат дека Законот се почитувал, иако во пракса не е баш така.

Тренчевска информира дека досегашните извештаи со кои располага Државниот инспекторат за труд покажале дека во најголем дел се почитува исплатата за додаток за време на празник и додаток за прекувремена работа, односно дека мал е бројот на работодавачи кои не го почитуваат оваа право на работниците.

Додаде дека досега контролите се вршеле со увид во исплатите на работниците кои работат за време на државен празник или прекувремено, така што од исплатните листи можело да се види дали е иплатен додатокот за работа за празник или прекувремена работа.

Според планот, во недела ќе работат бензинските пумпи, трговијата со струја, секој вид на транспорт, угостителскиот сектор, медиумите, болниците, телекомуникацискиот сектор, противпожарната служба, погребалните услуги, комуналните дејности, музеите, зоолошките градини и ред други кои во овој период се дефинираат.

Инаку, Државниот инспекторат за труд ќе ја врши контролата на терен. Фирмата која нема да го почитува новиот Закон за работни односи ќе добие клуч на врата до 30 дена, а газдата ќе биде „удрен“ по џеб.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста