5 мај – Ден на македонскиот јазик

Од годинава, петти мај се одбележува како Ден на македонскиот јазик

Минатиот месец Владата донесе одлука со која, петти мај го прогласи за ден на македонскиот јазик, во чест на Решението на Народната Влада на Федерална Македонија, која во 1945-та година, ја усвоила македонската азбука како официјално писмо, и со закон го утврдила првиот македонски правопис.

Македонската азбуката е создадена на 3 мај 1945, а официјализирана е на 5 мај, со објавување во весникот „Нова Македонија“, бидејќи во тоа време не постоел службениот весник.

На 2 август 1944-та година, делегатите на Првото заседание на АСНОМ го прогласиле македонскиот јазик за официјален во македонската држава. На 3 мај наредната година усвоена е македонската азбука, а на 7 јуни е усвоен македонскиот правопис, со што македонскиот јазик  станува официјален државен јазик.

Според македонистите, процесот на создавање на азбуката бил долг и тежок. Тоа го опишал и Блаже Конески, според него имало две комисии, и не се согласиле сите одеднаш.

Оваа година денот на македонскиот јазик го обележуваат две институции, Институтот за македонски јазик и Филолошкиот факултет.

Дејан Трендов

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста