43 пожари во последното деноноќие, 12 се уште се активни

43 пожари во последното деноноќие, 12 се уште се активни

Од 20 пожари во последново деноноќие активни се уште 12 пожари. Најсериозно и натаму е во Старо Нагоричане, Кратово, Македонски Брод и Свети Николе каде противпожарните екипи и доброволци, со денови се борат со пламените јазици.

Пожарот кај селото Негрево, кај Пехчево, кој се закануваше да стигне и до градот, и понатаму е активен, а сè уште гори и во општина Старо Нагоричане, кај селата Малотино и Жегљане..

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов апелира до граѓаните претстојниот празничен викен да бидат внимателни доколку одат во природа.

„Во текот на денешниот ден хеликоптер на МВР, заедно со српски хеликоптер, дејствуваше на територијата на општина Старо Нагоричане, кај селата Малотино и Рамно. Овој пожар се одвива на многу тежок пристапен терен, на поголем дел и целосно непристапен терен. Еден хеликоптер на МВР и тоа МИ-171, односно големиот полициски хеликоптер, со големо ведро, делуваше на теренот на општина Кратово, кај селото Татумир, додека двата армиски хеликоптери, дејствуваа на територија на Пробиштип, кај селото Барбарево“, рече Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Активни се и пожарите кај селото Татомир во Кратовско, во општина Македонски Брод, односно кракот кон „Јасен“, потоа кај селата Горно и Долно Ѓуѓанци, Строиманци и Раченци во општина Свети Николе.

На територијата на Пробиштип, активни се два пожари. Едниот на потегот меѓу селата Зелениград и Јамиште, а другиот кај селата Стрисовци и Барбарево.

Пожарот кај селото Пласница е проширен кон селото Латово на територијата на Македонски Брод, а активен е пожарот и кај селото Пресека во општина Кочани.

Пристигнува и странска помош во борбата со огнената стихија. Во врска со активираниот механизам за цивилна заштита на ЕУ, според најавите на ЦУК, во земјава на помош пристигнуваат шест хеликоптери и четири ер трактори. Два хеликоптери од Србија, два од Унгарија, еден од Словенија и еден од Чешка како и четири ер трактори, два од Германија и два од Шведска.

Деновиве неколку лица се приведени поради подметнување пожари што предизвика зголемено полициско присуство на терен. Повеќе од 20 денови гори во Македонија.

Речиси 9000 хектари површина или колку 12.000 фудбалски игралишта пеплосаа пожарите таму. Ова се првичните неофицијални проценки на Македонски шуми. Станува збор за слаба и деградирана шума, односно грмушки, смреки и даб.

Од страната на Неготино изгорени се околу 5.500 хектари шума, а од штипската страна безмалку 3000 хектари . Освен растителниот, настрада и животинскиот свет. Штетите се епохални и потребни ќе бидат децении, за повторно да се врати животот на планината.

Паула Костадиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста