41 евро за мегават час струја е цената која државната „ЕСМ“ ќе ја продава на „ЕВН Хоум“?!

41 евро, наместо досегашните 36,1 евро за мегават час, најверојатно по толку „ЕСМ“ ќе ја продава произведената електрична енергија. Неофицијално одлуката е донесена на затворена владина седница уште минатата недела. „ЕСМ“ се очекува да понуди 100% од потрошувачката за домаќинствата на новиот петти тендер по ред кај „ЕВН хоум“. После понудата ќе почне да се формира цената за домаќинствата, а надлежните тврдат дека покачувањето на сметките ќе биде најмногу 10%. Тоа би значело дека на домаќинство кое плаќа 2.000 денари, по поскапувањето, за струја ќе треба да издвои уште 200 денари. Во новата цена ќе треба да се пресметаат и барањата на трговците за нивни пријавени загуби кои што ќе бидат разгледани од „РКЕ“.

Во меѓувреме, продолжуваат набавките на струја од странство. Деновиве претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека на една земја во регионот и продале струја за десеткратно повисока цена, споменувајќи ја и Македонија.

  • Ја продадовме струјата по цена од 499 евра за мегават-час, струја што нас нè чинела 52 евра. Значи десетпати поскапо. На пазарот нема струја, луѓето од нас купуваат десетпати поскапа струја. Во регионот Македонија, Албанија, Црна Гора, па тие купуваат струја по 350-380-400 евра за мегават-час дневно. Дневно купуваат 50-60% од потребите, рече Вучиќ.

Паралено, во тек се преговори за набавка на јаглен од Косово за РЕК „Битола“. Се полнат и резервоарите на ТЕЦ „Неготино“ со мазут, енергенс кој исто така е голем загадувач. Минатата недела, министерот за економија Крешник Бектеши беше во Косово, каде преговараше за набавка на три милиони тони јаглен годишно за следните пет години. По која цена – барем за сега официјална информација нема.

  • Очекуваме во рок од три, најдоцна четири месеци, да склучиме договор за наредните пет години, сѐ со цел да имаме константно производство на електрична енергија во нашите термоелектрани, рече Бектеши.

Според А.Д. „ЕСМ“, термоелектраната „Неготино“ која обично произведува струја по повисока цена, се става во погон зашто во сегашни услови струјата од неа е поевтина од онаа на берзите.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста