40% од жените биле жртви на насилство на интернет

Дури 40% од жените биле жртви на насилство на интернет, а високи 85% изјавиле дека биле сведоци на виртуелно насилство. Овие загрижувачки информации ги објави фондот за население на Обединетите нации. Невладините организации алармираат дека секојдневно се злоупотребуваат слики и видеа на жени и млади девојки превземени од социјалните мрежи, а за тоа никој не одговара. Фејсбук, Инстаграм, Тик Ток се дел од платформите од кои најчесто се злоупотребуваат фотографии од жени и девојки.

За жал во реалниот свет и онлајн светот голем број девојки и жени немаат контрола врз нивните сексуални животи. Некаде денес, во овој момент, некоја девојка е предмет на онлајн вознемирување. Сега во овој момент некоја фотографија на млада жена се споделува во сајбер просторот без нејзина согласност.

Во Македонија има закон за спречување и заштита од насилство врз жените, донесен во 2021, со кој за прв пат се дефинира и се казнува сексуалното вознемирување преку интернет. Невладините организации бараат законот да се спроведува, а жртвите веднаш да пријават во полиција. Загрижувачка е бројката и на жртви од семејно насилство. За помош на овие жени до сега се отворени неколку центри низ целата држава.

Воспоставени се 13 специјализирани сервиси за згрижување на жртви на семејно насилство и родово базирано насилство. Засолништа во 6 плански региони. Поголемиот дел од нив однсоно 8 се воспоставени од Министерствто за труд и социјална политика, останатите се воспоставени со поддршка на министерството, локалната самоуправа и граѓанските организации, изјави Јована Тренчевска – Министерка за труд и социјална политика

Македонија беше меѓу првите држави што ја потпиша конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство. Од социјалното движење Body Right побараа државата сериозно да се посвети на проблемите кои ги имаат жените не само на интернет туку и во општеството.


Бојана Златкова