Дури по протестите, Филипче реши да се посоветува со експерти за Центрите за зависници

Само една третина од зависниците во земјава имаат пристап до метадонска терапија, а според последните податоци, има околу 6.800 граѓани што земаат опоидни дроги со инјектирање. Од здруженијата велат дека неопходно е унапредување на третманот на зависниците.

-Лекувањето засега е такво какво што е, има многу простор за унапредување, се надеваме дека како здружение ќе наидеме на отворена врата на министерството за здравство. Според податоците од Институтот за јавно здравје има околу 6.800 зависници, а само една третина имаат пристап до третман, вели Ивица Цековски од здружението ХОПС.

Проблемот со зависниците неодамна повторно се актуелизира. Државата нема добра стратегија за помош на овие граѓани, а нивниот третман во најголем дел се сведува на делење на медатон. Најголем број на зависници има во Скопје.

-Само околу 530 се лекуваат во Центарот во Кисела Вода. За дел од нив потребата од третман е доживотна, бидејќи зависноста се третира како секое хронично заболување, вели Цековски.

Граѓаните на неколку скопски општини излегоа на протести, оти не сакаат на секое ќоше околу своите домови да наоѓаат игли и шприцеви, а тоа би се случило доколку зависниците земаат метадонска терапија, па надвор во парковите или среде улица сами се боцкаат.

Најпрвин жителите на Кисела Вода бараа дисколација на Центарот за зависности, па здравствените власти им ветија дека објектот ќе се смести во Гази Баба. Откако, граѓаните и на оваа општина се побунија, идејата на Филипче пропадна. Сега, неизвесно е дали здравствените власти ќе го чујат гласот и на Аеродромци кои преку протести кажаа „НЕ“ за спроведување на одлуката зависници да примаат метадонска терапија во поликлиниката „Јане Сандански“ до која има градинки и училишта.

Дури по јавно искажаното незадоволство на Аеродромци, Филипче, реши да поразговара со локалните власти, па објективот на Алфа пред вратите на министерството за здравство ги забележа градоначалниците на Кисела Вода и на Гази Баба. Првиот човек на општина Аеродром не дојде, но се појави неговиот претходник, за кого, од министерството велат оти дошол како загрижен граѓанин.

На средбата повикани се и здруженијата, но и експерти со кои министерот Филипче сакал да се посоветува. Како што кусо објаснија од министерството за здравство, Филипче утре на новинарите ќе им го раскаже исходот од средбата.

Сања Трајковска Ставров