Лекови на рецепт нема , надлежните молчат

Уште 6 дена до крајот на месецот, а лекови на рецепт речиси и нема во аптеките. Граѓаните мака мачат и се жалат, дека секој месец се соочуваат со недостатокот на лекови, како што велат, се принудени да одат во различни аптеки се со цел да си ја набават соодветната терапија. Најчестиот одговор кој го добиваат внатре е лекот го има, ама само на приватно. Според анкетата на Алфа Тв.

Нема лекови, што да купиме, така е секој месец до 5ти има после тоа нема..

Од аптеките велат приватно ги има но на рецепта не… – се жалат граѓаните

Проблемот со квотите во аптеките и немањето на лекови после 10-ти во месецот трае веќе втора година. Новата прераспределба на квотите, со што Фондот за здравство скрати од големите и даде повеќе пари на помалите аптеки, не го реши горливиот проблем на осигурениците.

Алфа побара став од Фондот за здравствено осигурување но до почетокот на вестите не добивме одговор.

Овој проблем е присутен поради долгогодишниот застој и непроширувањето на позитивната листа на лекови. Поради што здравствените власти иницираа и законски измени. Предлог-законот за здравствено осигурување, предвидува една комисија, составена од 17, наместо како досега 14 членови, да ја утврдува и проширува позитивната листа на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување.

Додека надлежните преговараат граѓаните ќе мора да  ги трпат последиците и да шетаат од аптека во аптека за да си ја бараат соодветната терапија.

Jована Грчева