364 новозаразени – како стигнавме до тука?

Македонија урива рекорди по бројот на новозаболени од корона вирусот, а надлежните се уште не гледаат причина за воведување на нови ригорозни мерки. Најновите препораките на Комисијата за заразни болести ја збунија јавноста. Се воведува носење на маска по улица па дури и ако сте сам. Се забрануваат семејни собири, а се ограничува и бројот на гости кои може да ги примите дома – најмногу до 4.

Се забранува групирање на граѓаните во домовите за време на семејни прослави, слави и други собири во групи. На сопствениците им е дозволено да примат најмногу четири луѓе. Се воведува задолжително носење на маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено, на затворено во било кој јавни објекти, на работно место, во јавен и приватен транспорт“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Прашан зошто во време кога земјава броеше по десетина новозаразени дневно граѓаните живееја под полициски час, а сега кога бројките надминуваат 300 новозаболени пациенти се функционира нормално, Филипче вели оти доволно било само да се носат маски и да се држи дистанца. Полициски час, вели за сега ќе нема.

„И рестрикција на работните часови и рестрикција во движењето доаѓа во предвид ако се одлучи дека е тоа мерка што треба да се имплементира. Или таргетирано за почеток ако се изнуди потреба. За сега сме далеку од тоа, но дефинитивно е една од мерките кои што може да се препорачаат“, вели Филипче.

Во меѓувреме, социјалните мрежи вријат – граѓаните реагираат оти мерките се конфузни и нелогични и оти наликува како да се смислуваат од денес за утре.

На стартот на пандемијата во март, кога земјава дневно броеше по едвај триесетина заразени со Ковид 19, Владата воведе целосен карантин, кој за време на верскиот празник Велигден траеше дури 82 часа. Забрана за работа имаа сите угостителски објекти, училиштата, градинките и факултетите добија клуч на врата, а ослободени од работни обврски беа хронично болните, бремените жени, мајките на деца до 10 годишна возраст.

Седум месеци подоцна, кога Македонија урива рекорди по бројот на заболени и починати, надлежните ги вратија во функција сите институции. Градинките и училиштата работат со протоколи, студентите повторно се сместија во студентските домовите, хронично болните и мајките на мали деца и покрај секојдневните апели и протести, се вратија на работа. Границите се отворија за влез на патници без доказ оти се негативни на вирусот.

Пред неколку дена, надлежните забранија настапи на естрадни уметници во кафулињата, откако на социјалните мрежи се појавија видеа од концерти со масовна посетеност и без почитување на протоколите.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста