Стопанството алармира против поскапата еколошка такса од 4,13 денари со ДДВ за секој литар гориво

Бизнис заедницата го крева гласот против планот на Владата да воведе еколошката такса, со која ќе се плаќа по 4,13 денари со ДДВ за секој наточен литар нафта и бензини. Од Сојузот на стопански комори за Алфа велат дека зголемување на даноци или јавни давачки во овие услови ќе има негативни ефекти по активноста на стопанството и животниот стандард на граѓаните.

  • Еколошкото оданочување има функција на дестимулирање на активности кои придонесуваат кон загадувањето како приоритет, но неговото воведување мора да има предвидливост и период за прилагодување. Одржливост и стабилност на даночниот систем може да се постигне единствено со однапред планирани решенија за кои ќе има доволно време и соодветни услови за имплементација. Воведување на ад хок решенија создава непредвидливост и несигурност кај стопанството што негативно влијае на намалување на деловната активност, велат од ССК.

Стопанството алармира оти Владата досега не побарала официјално мислење во врска со воведување на новата давачка. Експертите и јавноста бурно реагираа зашто новиот зелен данок кој ќе важи од 1 јули, ќе ја подгрее инфлацијата и ќе удри врз џебот на граѓаните. Бизнисот очекува Владата да се премисли.

  • Реално ние сметаме дека може да има и други алтернативи за оваа тема, а не да се воведат дополнителни трошоци за компаниите. Со нетрпение чекаме да се сретнеме со претставниците на владата и да ни образложи што и како. Може за понови возила да нема високи царински стапки или да се укине ДДВ и слично сигурно има многу повеќе алтернативи да се постигне некоја цел за екологијата. Ова сметаме дека е чисто трошок кој треба да го покрие бизнисот во време на криза кој е апсолутно неприфатлив за нас, вели Дриљон Исени, од комората на Северозападна Македонија.

Во меѓувреме се крои и новата цена за струјата. Појасна слика за тоа каква ќе биде корекцијата, ќе има следната недела кога РКЕ ќе соопшти што од барањата на Мепсо и Електродистрибуција ќе биде прифатени.

  • Во овој момент регулаторната комисија за енергетика ги анализира овие барања коишто се доставени од компаниите и уште од сега најодговорно можам да кажам дека тоа што е побарано нема да биде прифатено и Регулаторната комисија за енергетика ќе си прави анализи врз основа на кои, очекувам во наредните десетина дена, да излезе со конечни пресметки. Она што е битно да се знае дека Регулаторната комисија за енергетика на крајната цена влијае со 38 проценти, односно тоа е цената за пренос, за дистрибуција, и еден мал дел за организирање и управување со пазарот на електрична енергија, а на останатите 62 проценти РКЕ нема никакво влијание, бидејќи ЕВН хоум како универзален снабдувач си обезбедува електрична енергија за потребите на тендер што го распишува и притоа кој има понудено најниска цена, тој добива на тендерот и овој трошок што го има ЕВН хоум, РКЕ само го пренесува кон крајните потрошувачи и има уште еден дел којшто има влијание, конкретно минатата година околу 7,5 проценти, тоа е трошокот за повластени производители на електрична енергија, тоа се производители од обновливи избори на енергија коишто користат повластени тарифи и има законска обврска да им се откупи нивната електрична енергија, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Mарко Бислимовски.

Инаку, уште минатата недела премиерот беше категоричен дека нов данок ќе има. Рече дека тој е дел од зелената агенда, а целта е да се полни еколошки фонд за се поддржат инвестициите во обновливите извори на енергија. Им порача на граѓаните наместо автомобили, да возат велосипеди, тротинети и електрични возила.

За ВМРО-ДПМНЕ новата такса од 4,13 денари по литар гориво е за власта да ги пополнува буџетските дупки и да го ублажи катастрофалниот долг кој го создаде. Велат оваа такса трајно го поскапува горивото и отвора инфлаторна спирала.

Со ваквото поскапување, Владата планира за 6 месеци од оваа такса да собере 27,4 милиони евра во буџетот, или годишно во државната каса да влезат по 54 милиони евра.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста