31,5 илјади евра чинело чествувањето на св. Кирил и Методиј во Рим – Недоволно за и Алфа да биде поканета

Платиле над 4.400 евра за пат, односно над 14 илјади евра народни пари за сместување на владината делегација при посетата на Рим и Ватикан, кога премиерот Ковачевски си ја понесе и ќерката си, а и селективно избираа кои медиуми ќе ги понесат со себе, а кои не. За овие податоци, Алфа ја чекаше Владата цели 23 дена по поднесеното барањето за пристап до информации од јавен карактер.

Имено, владините функционери и семејството Ковачевски, во Рим престојувале во луксузниот „Мериот Гранд Хотел“ со 5 ѕвезди. Цените за сместување во хотелот со барокна архитектура, поглед на Вечниот град и во непосредна близина на шпаските скали, во просек изнесуваат над 800 евра од вечер.

Додека пак, за медиумите кои си ги понесе владата државата платила над 3.800 евра за авио билети и исто толку за хотелско сместување во хотелот „Ексе Домус Ауреа“, каде ноќевање чини околу 200 евра од вечер.

Од пет национални телевизии, Владата и Ковачевски поканија 4, додека пак за онаа најкритичната кон власта, измислуваа оправдувања со лажни податоци. На нашето прашање зошто од петте национални телевизии, баш ние не бевме поканети, од владата се оправда со лажни информации.

– „Заради ограничениот буџет, втор критериум беше рејтингот на телевизиите според последниот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“ – Одговорија од Владата.

Очигледно буџетот не бил проблем кога се бирале хотелите во кои ќе бидат сместени владините претставници и новинарите, бил проблем само кога се правел списокот за покани.

Дополнително, бројките ја демантираат Владата. Во официјалниот извештај од АВМУ на кој се повикуваат тие, Алфа не е последна на рејтинг листата на националните телевизии, а меѓу поканетите има медиуми со помалку гледачи.

Од друга страна, официјалното мерење на независната американска агенција „Нилсен“ покажува дека Алфа е третата најгледана телевизија во Македонија со континуиран раст на рејтингот.

Никола Цветкоски