30 евра месечно за македонски деца што ќе сакаат да учат бугарски јазик

30 евра месечно за секое дете што ќе го изучува бугарскиот литературен јазик. Бугарската Фондација Македонија најавува нов проект.

– „Фондацијата Македонија ќе му понуди на секое дете од Македонија и Србија месечна стипендија од 30 евра доколку студира литературен бугарски јазик.“ – Напишаа од фондацијата на социјалните мрежи.

Засега нема информации кога, каде и како би почнале курсевите, но во извештајот на Фондацијата стои дека тие веќе формирале училиште и спроведуваат настава.

-„Фондација Македонија формираше училиште на бугарски литературен јазик со име: Бугарско онлајн училиште „Св. Наум Преславски“ со 95 ученици од Македонија на првиот час.“ – Пишува во извештајот на „Фондација Македонија“.

Освен во Македонија „Фондација Македонија“ тврди дека има образовни активности и во Голо Брдо во Албанија и во Гора на Косово.

За тоа, дали кај нас се спроведува образвона дејсност на бугарски литературен јазик, дали има регистрирано училиште под името „Св. Наум Преславски“ и дали странски образовни институции е дозволено да вршат образовна дејност на нашата територија онлјан, односно преку интернет, без одобрение на нашите надлежни институции – Прашавме во министерството за образование и наука, од каде велат, училиште под тоа име кај нас нема, но, без одговор на другите прашања.

„Воспитно – образовниот процес се организира во општински и државни основни и средни училишта, како и приватни средни училишта. Помеѓу нив не постои училиште со назив каков што посочувате.“ – Велат од министерството за образование и наука.

Од фондацијата велат дека од нивното формирање досега изминале 40.000 километри низ македонските градови и села, да делат и разнесуваат бугарски книги. Тврдат дека досега поделиле 50 тома литература, а имаа за цел од Бугарија да донесат во Македонија дури 10.000 тома.

Во меѓувреме, Комитетот за политики за Бугарите во странство годинава повторно ја зголеми финансиската помош одобри нови 400.000 евра за поддршка на организациите на бугарските заедници во Албанија, Србија, Косово, Молдавија и граѓаните на Македонија со бугарски идентитет.

Никола Цветкоски