29 години независна и самостојна Македонија

Самостојноста на Македонија беше потврдена на референдумот во 1991 година, кога над 95 отсто од граѓаните се изјаснија позитивно на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија”.

Волјата на народот за самостојна држава формално беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија. Уставот беше донесе на 17 ноември 1991 година, а државноста прва ја призна Република Бугарија по што следуваа Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…..Монетарно, државата се осамостои со воведувањето на денарот на 26 април 1992 година, а потоа доби и своја Армија која родеденот го слави на 18 август.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена како 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќаше уставното име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија.

Годинава, поради пандемијата со Ковид-19, прославата ќе се одржи во посебни услови согласно протоколите на Комисијата за заразни болести за одбележување државни празници, без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на мерките за заштита и растојание.

Advertisements