Антикорупциска отвори предмети за министерот Аријанит Хоџа и тројца пратеници

За тројца пратеници и еден министер Антикорупциска отвори постапки зашто откако добиле високи државни функции, своите приватни фирми ги префрлиле на своите сопруги или на блиски роднини од семејството. Според комисијата, прекршен е Законот за корупција и судир на интереси, кој строго ги забранува ваквите потези.

Станува збор за министерот за земјоделство, Аријант Хоџа и пратениците Скендер Реџепи од Алтернатива, Абдула Салиу од Алијанса и Љупчо Пренџов од ГРОМ.

  • Законот за корупција и судир во интереси, особено во членот 45, кој гласи: Лице кое стапува на функција на избрано или именувано лице, со исклучок на лицата кои стапуваат на функција која не се извршува професионално, доколку управува со трговско друштво или установа како сопственик, e должно пред да стапи на функцијата управувањето да му го довери на друго лице или тело, освен на членови на неговото семејство, за времето на вршењето на функцијата, јавните овластувања или должности“, наведуваат од Антикорупциска.

Ресорниот министер за земјоделство смета дека не го прекршил Законот, и дека самиот пријавил во анкетниот лист дека неговата сопруга ќе ја преземе фирмата.  

  • За мој личен бизнис ќе одлучувам јас, не може да одлучува Антикорупциска. А, за наоди кои би се вршеле од државата кон тоа правно лице во тој случај сум отворен да дадам одговорност, вели министерот за земјоделство Аријанит Хоџа.

Ако обвинителството ги потврди наодите на Комисијата за спречување корупција и судир на интереси, ќе мора да платат казна од 300 до 500 евра.

Дополнително, на денешната седница беше отфрлена пријавата против премиерот Зоран Заев поднесена од ВМРО ДПМНЕ која е за доделување на концесии за ископ на глина на две фирми кои се во сопственост на неговиот брат и негов братучед. Инаку, од денеска нов заменик претседател на Антикорупциската комисија е Шемси Салаи.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста