ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ допрва ќе одлучуваат за составот на работните групи за спас на СЈО

ВМРО ДПМНЕ и СДСМ допрва ќе треба да одлучат кој се ќе биде дел од работните групи кои ќе треба да ја испеглаат законската регулатива за спас на СЈО. Останува отворено прашањето дали на чело на оваа обвинителство ќе остане досегашната шефица Катица Јанева која е по терк на премиерот Зоран Заев или пак на чело на СЈО ќе застане нов обвинител, бидејќи за лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, Јанева го загубила својот професионален кредибилитет. По синоќешната средба на Илинденска број 2, Мицкоски изјави дека му посочил на Заев дека има низа забелешки за Предлог – законот, но уште еднаш му предочил изборот на јавен обвинител да биде на предлог на опозицијата.

Заев прифатил работни групи да направат измени на законот, иако тој смета дека немал маани.

Но, од друга страна, на власта и се ситни двотретинското мнозинство за поддршка на законот за СЈО. Пратеникот на Алијанса за Албанците Сурија Рушиди денеска изјави дека Законот за СЈО е фарса во процесот на реформи и дека тие нема да го прифатат.

СДСМ и ДУИ се обидоа законот за СЈО да го протуркаат во Собранието, но откако се уверија дека немаат 2/3 мнозинство се нафатија да преговараат. Новата законска регулатива предвидува СЈО да биде дел од Обвинителството за гонење организиран криминал и да гони државни функционери и политичари, а бомбите да не бидат докази за постапки отворени после јуни 2017 година, што во јавноста остави простор да се шпекулира дека измените спасиле од кривичен прогон високи функционери од ДУИ.

Биљана Божиновска