28 годишната презентерка Бесмира Ејупи нема да биде нов генерален конзул во Њујорк – Владата се предомисли?!

28 годишната презентерка Бесмира Ејупи нема да биде нов генерален конзул во Њујорк. Неофицијално, на денешната затворена седница на Владата, предлогот за нејзино именување на дипломатската позиција, кој бил поднесен од Министерството за надворешни работи, бил повлечен. Од владата велат, дека станувало збор за бројни и нецелосни информации во медиумите, но не појаснија дали Ејупи ќе замине на некоја друга дипломатска мисија.

Македонија во моментов има Генерален конзул во Тотова, САД, Јордан Панев, кој е дипломат од кариера, и кој е избран согласно сите законски пропис – изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Опозицијата критикува дека скандалозниот избор на дипломати, го загрозува меѓународниот имиџ на Македонија.

Од доаѓањето на власт, дипломатските претставништва или се оставаат празни со години, или на позиции амбасадор или конзул се поставуваат контроверзни лица, лица со проблематично минато, комплетно несоодветни кадри или синови и ќерки на провладини аналитичари – обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Дека дипломатијата е разнишата покажуваат и искуствата од претходно со неуспехот на екс министерот Фрчковски да се вдоми во Вашингтон или Обединетите нации, и разрешувањето на Бучковски од позицијата посебен претставник во Бугарија. Брзо се рашири и веста дека синот на политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, Петрит, од минатата пролет раководи со конзулатот во Чикаго. Бројни експерти веќе реагираа за, како што велат, аматеризмот во дипломатијата кој станува практика, бидејќи наместо експерти, во конзуларни претставништва праќаме нестручни лица.

Според Законот за надворешни работи, за Генерален конзул, потребно е високо дипломатско звање, а личноста треба да биде афирмирана во областа на надворешната политика и меѓународните односи – што не е случај со Бесмира Ејупи во чија работна биографија стои,  дека била новинар и тв презентер во неколку медиуми во Македонија. Единствено што ја поврзува со дипломатијата е нејзината диплома на Тетовскиот универзитет – каде студирала меѓународна комуникација, а на ФОН магистрирала казнено право.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста