Владата молчи за анексот, Каракачанов се обидува да дели лекции по историја

Во Скопје анексот на Договорот за добрососедство и натаму енигма, а во Софија Каракачанов повторно се обидува да дели лекции по историја. Пред средбите со специјалниот македонски претставник во бугарската престолнина, вицепремиерот и министер за одбрана со став дека Бучковски не е случајно избран и дека е добронамерен. Но не и власта која само го користи. Според Каракачанов во Македонија се краде туѓа историја и постои јазик на омраза.

“Имаш право да го заштитуваш својот идентитет таков каков што е од тогаш од кога е појавен, а не крадејќи туѓа историја да си создаваш лажен идентитет и да велиш „не е европски да се противите да имаме свој идентитет“. Вие си имате идентитет создаден од Јосип Броз Тито и од Коминтерната, заштитувајте си го и никој не ви посега по него, но Цар Самоил е бугарски цар и не војувал против Бугарија како што пишува во вашите учебници. Ние Бугарите не сме фашисти, окупатори и старо монголско племе. Уште зборуваме без преведувач. Зборуваме на еден ист јазиk”, вели Каракачанов.

Освен со Каракачанов нема прецизни информации за тоа со кого уште ќе се сретне Бучковски. Неофицијално се споменува дека е постигнат мал напредок за акцискиот план предложен од македонска страна. Од тоа како ќе напредуваат разговорите ќе зависи и дали Бучковски ќе се сретне со Захриева. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно прашува до кога македонскиот идентитет и јазик ќе се раскрчмува на преговарачки маси.

“Очигледно се планира Бучковски тајно да преговара за македонскиот јазик и идентитет. Прашањата на ВМРО-ДПМНЕ се прашања кои ги поставуваат граѓаните на Македонија и за кои заслужуваат одговори. Владата од граѓаните ги крие условите и барањата од Анексот со 12 точки. До кога на некои тајни преговарачки маси ќе се раскрчмува македонскиот идентитет и јазик. Владата дозволува Македонија да се негира на телевизиски емисии во Софија, а македонскиот идентитет да биде карта за поткусурување во преговорите со ЕУ. Со посочениот Анекс клопчето започна да се одмотува”, вели Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според бугарските медиуми целта на посетата на Бучковски е враќање на довербата при спроведувањето на договорот за добрососедство. Од македонското МНР велат дека остануваат на позицијата дека треба да се искористат сите можности за да се изнајде взаемно прифатливо решение.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста