26 години од неуспешниот атентат над Глигоров- истрагата се уште не е завршена

И по 26 години од неуспешниот атентат над Киро Глигоров, истрагата се уште не е затворена и не се знае кој се обиде да го убие првиот македонски претседател. Секој министер за внатрешни работи по тој настан секогаш со истите зборови- кога ќе имало некакви детали или информации, ќе биле објавени јавно.

Во времето кога се случи неуспешниот атентат над Глигоров, прв човек на македонската полиција беше Љубомир Фрчкоски, кој сега е предлог на Владата за амбасадор во Обединетите нации во Њујорк. Токму неговото име во својата книга „До атентатот и по него“ го споменува првиот собраниски спикер во Македонија, Стојан Андов. Тој во неа тврди дека Фрчкоски е еден од одговорните за обидот за убиство на Глигоров.

-Не обвинувам, само факти наведувам. Не може одговорноста тој да ја симне од себе, беше министер. Тој не е некој случаен човек, министер за внатрешни работи беше. Пред него некој припремил атентат, извршил атентат, но тој не знае ништо. За тоа ништо не кажува, нека напише книга и за тоа, изјави пред три години Андов.

Ваквите тврдења на Андов беа причина за тужба од Фрчкоски против него. Тој со може да се каже навредливи зборови кон првиот собраниски спикер, кажа дека испратил тешки клевети.

-Чудно е кога така луѓе кои ги знаете ќе одлепат комплетно и цртајќи ја својата улога во транзитор на Македонија, се обидуваат да се себелоцираат како централна позиција, а тоа му се случува за жал на Андов, со кој се знаеме, не сме некакви непријатели претходно. И ја искористува слободата на изразување за прилично шокантни клевети, кажа тогаш Фрчкоски.

Атентатот на 3 октомври 1995 година, Глигоров го преживеа со тешки повреди во пределот на главата. На лице место загина неговиот возач Александар Спировски, додека со повреди мина телохранителот Илчо Теовски. На повредите им подлегна и Ристо Хаџиманов, пензионер, кој бил случаен минувал покрај хотелот Бристол тоа утро во 9 часот и 50 минути. Глигоров почина од природна смрт на 94 години на први јануари 2012-та година.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста