Законот во собраниска процедура: Ќе имаме ли попис по европски стандарди?

Во понеделник законот за попис на населението кој е во собраниска процедура со европско знаменце ќе се најде на пленарна седница. Иако брзо го помина првиот собраниски филтер, очекувањата на парламентарците се дека целата собраниска процедура за оваа голема статистичка операција нема да оди така глатко.

Опозицијата реагира зошто законот се носи во комисијата за европски прашања, а не во матичната комисија за политички систем. Се сомневаат дека целта на ова е да се исполитизира оваа операција.
Од власта пак не оговорија на телефонските повици на Алфа, за да ги прашаме која беше потребата законот да се разгледува и дебатира само во три дена.

Иако во извештајот од Европската Комисија нотираше дека многу се користи постапката за изгасување закони со скратена постапка, сепак власта одлучи и овој закон да се гласа без поголема дебата и разгледување во Собранието.

Од опозицијата веќе најавија дека се незадоволни од она што го содржи законот и бараат измени во истиот, како и прецизирање на неколку точки. Велат ќе поднесат и амандмани, но се сомневаат дека ќе има доволно време тие да бидат разгледани и дебатирани, токму заради временската рамка која ја носи европското знаменце. Од опозицијата велат дека можеби токму и затоа законот не е во комисијата за политички систем.

Препирањата на власта и опозицијата токму во врска со законот за попис на населението, започнаа уште пред неколку месеци, кога законот беше доставен во Собранието без консултации на опозицијата.

Една од главните разлики е: дали и на кој начин ќе биде опфатено прашањето за изјаснување за етничка и религиска припадност, кој ќе биде преброен и дали и на кој начин ќе бидат попишувани оние кои се отсутни од земјата во определен временски период.

Од власта велат дека пописот ќе биде според стандардите на Евростат, а пак опозицијата се сомнева дека од статистичка операција, пописот ќе стане политичка акција.

Пребројувањето на населението треба да биде одржано наредната година во април и ќе чини околу 8.5 милиони евра. Последниот попис беше одржан во 2002 година, а незавршен остана пописот во 2011 години.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста