250 евра казна за невакцинирани во кафуле

Ако не сте вакцинирани, а седите во угостителски објект или сте на концерт, ќе бидете казнети 250 евра. Сите угостителски објекти пак, кои нема да ги почитуваат владините мерки ќе добијат казна од 2500 до 30 илјади евра,а казнето ќе биде и одговорното лице на објектот со 1500 евра.

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека тие не може да ги казнуваат граѓаните бидејќи тоа е работа на МВР, но неимунизираните гости ќе одговараат кривично за постапување спротивно од законот за заштита на населението од заразни болести. Ова е контрадикторно од она што го изјави министерот за Економија, Крешник Бектеши, кога рече дека казнувани ќе бидат само угостителите.

За непочитување на оваа мерка граѓаните нема да бидат казнети, ќе се казнуваат угостителските објекти. Значи ако сакате да одите по кафулиња, имунизирајте се. Секој што сака да посетува угостителски објект треба да има потврда за имунизација. Ова важи доколку во објектот има над 30 гости. До 30 гости во моментов не важи оваа мерка. Ако бројот на гостите е под 30 угостителскиот објект нема обврска да има редарска служба, рече министерот Бектеши на 9-ти август.

Од 16 август треба да важат новите владини мерки според кои при влез во секаков вид на објект, каде има повеќе од 30 присутни лица,  на редарските служби задолжително треба да им покажете сертификат дека сте вакцинирани, најмалку со прва доза.

Засега угостителите немаат прецизни директиви како ќе ја организираат редарската служба, а истовремено Државниот пазарен инспекторат нема овластувања да бара вакви податоци од гостите во објектите и на самите настани. Од НУК бараат да се укинат овие мерки, во спротивно подготвени се да излезат на улица. Протест веќе има организирано против „Дискриминација на невакцинираните” што ќе се одржи в недела во 19 часот.

Протестот ќе го поддржат и од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија. Од таму велат дека работодавачите прават притисок врз работниците да се имунизираат и посочуваат дека правото на вакцинација е право на личен избор.

Освен во кафулиња и кафани, вакцинален сертификат ќе треба да имате ако сакате да одите и на базент, да престојувате во хотел или пак во игротека. За тоа ќе треба да има поставено редарска служба и во овие објекти. Но како ќе се спроведува ова? Од Владата за Алфа велат, дека допрва ќе се прецизира, а до тогаш остануваат на сила последните мерки и препораки од страна на надлежните институции.


Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста